Дома Останати Кошарка НБА чистка пред стартот: Лејкерс го отпуштија Кнехт, без клуб и Портер Џуниор

НБА чистка пред стартот: Лејкерс го отпуштија Кнехт, без клуб и Портер Џуниор

НБА клубовите ги прават последните потези пред почетокот на новата сезона, а во финишот од кратењето на ростерите неколку звучни имиња останаа без договор.

Меѓу кошаркарите кои беа ослободени се Далтон Кнехт, Кевин Портер Џуниор, Двајт Пауел и Волтер Клејтон Џуниор.

Лос Анџелес Лејкерс реши да го отпушти Далтон Кнехт пред крајниот рок за составување на тимот. Со тоа заврши неговата двегодишна епизода во клубот.

Кнехт беше 17. пик на драфтот во 2024 година. Во својата дебитантска сезона бележеше 9.1 поен и 2.8 скока по натпревар, но во втората сезона не успеал да го направи посакуваниот исчекор. Според објавените информации, Лејкерс претходно разгледувале и можност за трејд, но не пронашле решение.

Неговото име беше дел и од договорот со Шарлот за Марк Вилијамс во 2025 година, но таа размена пропаднала откако Вилијамс не ги минал медицинските прегледи.

Милвоки Бакс, исто така, направи рез во бековската линија и го ослободи Кевин Портер Џуниор. Американскиот плејмејкер во 2024 настапуваше за ПАОК, а во февруари 2025 преку ЛА Клиперс се врати во НБА и заврши во Милвоки.

Сепак, клубот решил да ја скрати ротацијата на надворешните позиции. Портер Џуниор минатата сезона одигра само 38 натпревари поради повреди, а во април 2026 имаше и операција на десното колено. И покрај тоа, кога беше на паркетот имаше силен учинок од 17.4 поени, 5.2 скока, 7.4 асистенции и 2.2 украдени топки.

Далас Маверикс стави крај на 12-годишната соработка со Двајт Пауел. Искусниот центар беше еден од најпрепознатливите играчи на клубот во последната деценија.

35-годишниот Канаѓанец е рекордер во историјата на франшизата по процент на шут од игра со 60.6%, а со 763 настапи се наоѓа на петтото место на вечната листа на Далас по број на одиграни мечеви. Сепак, Маверикс се решиле на овој потег за да го задржат младиот центар Муса Сисе во рамки на реконструкцијата на тимот.

Мемфис Гризлис го сведе составот на 15 кошаркари и во тие потези се раздели со Волтер Клејтон Џуниор и крилото Мика Пиви.

Клејтон Џуниор беше избран како 18. пик на драфтот во 2025 година. Тој претходно ја предводеше Флорида до титула во NCAA, а во својата дебитантска НБА сезона просечно бележеше 7.8 поени и 4.0 асистенции со 38.4% шут.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Проблем за АЛБА Берлин: Џек Кајил ќе паузира неколку недели

Младиот плејмејкер на АЛБА Берлин заработи повреда на листот и ќе биде надвор од терените …