
Бен Симонс повторно мина низ тежок момент во кариерата. Поранешниот прв избор на НБА драфтот ја скина десната Ахилова тетива на неделниот тренинг, со што уште еднаш се најде пред долг и сериозен период на рехабилитација.
Веста доаѓа откако Симонс веќе ја пропушти и претходната сезона поради проблеми со грбот, па новата повреда е уште еден голем удар за кошаркарот кој некогаш важеше за една од најголемите надежи во светската кошарка.
Сепак, и покрај тешката ситуација, Симонс јавно порача дека верува во враќање и дека ова не го гледа како крај.
„И претходно сум се соочувал со предизвици кои ме тестираа ментално, физички и емоционално и секогаш наоѓав начин да ги надминам. Оваа повреда е само уште едно поглавје на моето патување, а не крај на мојата приказна.
Никогаш не е лесно да бидеш одвоен од играта што ја сакаш, особено по сè што беше потребно за да се вратам овде. Но, ако научив нешто, тоа е дека тешкотиите не те дефинираат — те дефинира начинот на кој ќе одговориш на нив. Паѓав и претходно и секогаш наоѓав начин повторно да станам. Ниту сега нема да биде поинаку.“
Пораката на Симонс јасно покажува дека и покрај новиот „пекол“ низ кој минува, нема намера да се откаже. Останува надежта дека закрепнувањето ќе помине успешно и дека повторно ќе го видиме на терените.