
Радован Панков, фудбалер кој остави сериозна трага во дресот на Црвена звезда, се наврати на периодот поминат на „Маракана“ и јавно ги кажа своите ставови за неколку тренери кои го водеа белградскиот клуб.
Иако не беше секогаш прв избор во одбраната, Панков за Црвена звезда одигра повеќе од 100 натпревари. Во тој период освои четири шампионски титули и три трофеи во Купот на Србија, а зад себе има и настапи на европска сцена – еден во Лигата на шампионите и 15 во Лигата на Европа.
Во разговор за „Меридиан спорт“, тој посебно се осврна на заминувањето на Дејан Станковиќ од клупата на Звезда, тема за која очигледно и понатаму има силен став.
„Го познавам Станковиќ многу добро и многу тешко ми падна начинот на кој си замина минатото лето од Звезда. Целиот товар го стави на свои плеќи и гарантирам дека никој повеќе од него не сакаше Звезда да се пласира во Лигата на шампионите. Ме болеше додека ги гледав тие сцени. Деки е Деки, тоа е тоа. Сепак, коефициентот што го има Звезда им дава право на сите во клубот да се надеваат на пласман во Лигата на шампионите, а потоа се случи таков крах што сите ги разочара. Моето мислење е дека Звезда изгледаше многу покомпактно и подобро со Станковиќ отколку со Ријера“, изјави Панков.
Поранешниот стопер не остана само на оваа тема. Тој испрати и големи пофалби за Владaн Милојевиќ, а во истиот контекст го спомна и Милош Милојевиќ како човек што одлично го разбира клубот.
„Не го сметам Владaн Милојевиќ, бидејќи тој е спасителот на Звезда и треба да му направат статуа на стадионот. Но има уште еден човек што го разбира клубот и кој би бил совршено решение, а тоа е Милош Милојевиќ. Тој е еден од ретките тренери со кои имам секојдневен контакт, иако не играв многу кај него во Звезда. Се вратив по тешка повреда, не играв во летните квалификации, ниту закрепнувањето одеше лесно, но тој ме испочитува во текот на есента и ми даде минути“, порача Панков.
Со овие зборови Панков јасно покажа колку го цени придонесот на тренерите што, според него, оставиле силен белег во Црвена звезда, но и колку емотивно го доживеал заминувањето на Станковиќ од клубот.
Коментари