Дома Фудбал Останато Поранешна олимпијка води тешка битка: 22 часа дневно е во кревет

Поранешна олимпијка води тешка битка: 22 часа дневно е во кревет

Поранешната британска атлетичарка Бет Добин, позната по настапите на 200 метри, како и во штафетите 4×100 и 4×400 метри, минува низ исклучително тежок животен период. Спортистката која беше дел и од Олимписките игри во Токио, како и од Светски и Европски првенства, денес живее со дијагноза мијалгичен енцефаломиелитис.

Според информациите објавени за нејзината состојба, Добин во моментов поминува дури 22 часа дневно во кревет, а за неа се грижи семејството. Нејзиниот живот драстично се променил во 2022 година, кога ѝ била откриена тешката болест.

Во изјава за Би-Би-Си Спорт, таа објаснила дека не ѝ е лесно да зборува јавно, но смета дека темата е важна затоа што многу луѓе со истата болест не наидуваат на разбирање.

„Не сакам нужно да зборувам за тоа, но мислам дека е важно да се сврти внимание. Многу луѓе кои ја имаат оваа болест ми рекоа дека никој не им верува и дека другите мислат дека се мрзливи. Никој не ми веруваше, а причината е тоа што ретко кој може да разбере зошто спортист по 20 години одеднаш би запрел. Имам платформа и чувствувам должност да зборувам за ова“, изјавила Добин.

Таа открила и колку секојдневните работи можат да ѝ ја влошат состојбата. Краток разговор, бучава или премногу силна светлина, според неа, можат веднаш да предизвикаат дополнителни проблеми.

„Не можам да објаснам колку ми го уништи животот. Се чувствувам како да изгубив сè. Семејството сè уште е покрај мене, но ја изгубив независноста, здравјето, способноста да работам и да вежбам“, рекла таа.

Добин дополнително посочила дека и подолго стоење може целосно да ја исцрпи, па затоа најчесто останува во кревет, потпрена со перници. Како што објаснила, тоа не значи дека се чувствува добро, туку само дека симптомите на тој начин се нешто полесни за поднесување.

„Дури и работи како подолго стоење можат да ме исцрпат, па повеќе сакам да останам во кревет. Тоа не значи дека ми е подобро. Симптомите не исчезнуваат, но барем стануваат малку поподносливи“, додала поранешната атлетичарка.

Силна и потресна е и пораката од нејзината мајка, која зборувала за секојдневната грижа и стравот што го носи иднината.

„Секој ден се будиш и се чувствуваш тажно. Таа треба да си го гради животот и да ги живее своите најдобри години. Секој ден се грижиш како ќе се чувствува. Се грижиме и за нашата иднина, кој ќе се грижи за неа кога ние веќе нема да можеме“, изјавила нејзината мајка.

Приказната на Бет Добин е потсетник дека и врвните спортисти, кои јавноста ги гледала на најголемата сцена, можат преку ноќ да се соочат со драматични животни промени. Во нејзиниот случај, борбата одамна не е на атлетската патека, туку во секојдневието.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Останато

Проверете

Нови Београд остана без подиумот: Хановер славеше по пенали во Батуми

Српскиот тим загуби од Хановер со 15:13 по изведување пенали и турнирот во Батуми го заврш…