Дома Останати Кошарка Ишбија отворено за потегот со Дурент: Не беше во линија со мојата визија

Ишбија отворено за потегот со Дурент: Не беше во линија со мојата визија

Сопственикот на Феникс Санс, Мат Ишбија, јавно проговори за одлуката од 2023 година да го донесе Кевин Дурент и призна дека целиот потег не се вклопувал во неговата долгорочна замисла за клубот.

Ишбија во февруари 2023 година го купи мнозинскиот пакет во франшизата, а само неколку дена подоцна дал зелено светло Дурент да пристигне од Бруклин Нетс. За тој трансфер, Феникс се откажа од Микал Бриџис, Камерон Џонсон, Џеј Краудер, четири пика од првата рунда и едно право на замена на пик.

Во изјава за CNBC, првиот човек на Санс објасни дека тогашната идеја била тимот веднаш да се крене на шампионско ниво, но дека патот што бил избран подоцна се покажал како погрешен.

„Кога го презедов тимот, мислам дека бевме осми или деветти и имавме добри млади играчи. Размислувавме што може да нè однесе на повисоко ниво. Ми беше кажано како сопственик да се тргнам од спортскиот дел и само да ги обезбедам потребните пари. Затоа реков: ќе влеземе во луксузен данок, направете сè што е потребно за титула“, изјавил Ишбија.

Сепак, денес гледа поинаку на тој потег.

„Потегот со Дурент не беше усогласен со мојата визија“

„Носењето на Кевин Дурент не беше во согласност со мојата визија. Поминаа неколку години и сите знаеме дека тоа не успеа. Потоа решивме да го трејдуваме Дурент, да донесам свој генерален менаџер и свој тренер и многу повеќе лично да учествувам во тоа какви играчи сакаме во организацијата“, порача Ишбија.

Во две и пол сезони во дресот на Феникс, Дурент бележел просек од 26.8 поени, 6.3 скока и 4.6 асистенции. Но, во тој период Санс добиле само една плејоф серија.

Во летото 2025 година, Феникс го испрати Дурент во Хјустон Рокетс, а за возврат ги доби Дилон Брукс, Џејлен Грин, еден пик од прва рунда и пет пика од втора рунда.

„Фрлав пари врз проблемот“

Ишбија вели дека најголемата лекција од целата епизода е дека само собирање ѕвезди не е доволно за шампионски резултат.

„Ова не е ниту позитивна ниту негативна порака за Кевин Дурент. Мора да дефинираме што претставува Феникс, а потоа да останеме верни на таа визија и на тој правец. На почетокот не го направив тоа. На некој начин, само фрлав пари врз проблемот“, додал сопственикот на Санс.

Тој истакнал дека клубот сега гради профил на играчи што го нарекува „ДНК на Санс“, а како примери ги навел Дилон Брукс, Џордан Гудвин и Колин Гилеспи.

Ишбија нагласил и дека отсега ќе биде многу подиректно вклучен во процесот на носење одлуки во организацијата.

„Лично сум вклучен во секоја одлука, од 14. играч во ростерот до првиот. Навивачкото искуство, играчите, тренерите… Го вложувам срцето и душата во ова“, истакнал Ишбија.

Според него, дури и играч со квалитет каков што има Дурент не е гаранција за титула ако клубот нема јасна култура и заедничка насока.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Тврдење од Русија: Малик Њумен си заминал од Зенит поради проблеми со кондицијата

За краткиот престој на Малик Њумен во Зенит се појави необично тврдење: наводно имал пробл…