
Даниел Дубоа убедливо го совлада Фабио Вордли во реваншот во лондонската О2 арена и со технички нокаут во втората рунда ја запиша првата одбрана на WBO титулата во тешка категорија.
За разлика од нивниот прв дуел во мај, кој беше еден од највпечатливите кандидати за борба на годината, овојпат сè тргна во целосно поинаква насока. Дубоа уште од стартот наметна темпо и по само 17 секунди го испрати Вордли на подот со силна десница. За британскиот боксер тоа беше прв нокдаун во професионалната кариера.
Вордли се исправи, но очигледно беше разнишан. Дубоа продолжи да притиска со серии удари, а пред крајот на првата рунда повторно сериозно го погоди со десна рака. Предизвикувачот успеа некако да ја дочека паузата, но во продолжението шампионот не попушти.
Во втората рунда Дубоа целосно ја контролираше борбата и успешно удираше од блиска дистанца. Кога стана јасно дека Вордли тешко се брани, неговиот тренер Бен Дејвисон фрли пешкир во рингот и мечот беше прекинат.
По триумфот, Дубоа јасно стави до знаење што сака во следниот период.
„Сакам да се борам со тој што е следен на ред. Сега сум шампион и сакам големи борби. Во оваа фаза од кариерата сакам големи пари и големи мечеви“, порача Дубоа по победата.
Неговиот промотор Френк Ворен ги застапува и Агит Кабајел и Филип Хрговиќ, па во текот на 2027 година би можела да се отвори можност за борба за обединување на појасите. Дополнителна тежина на тие најави даде и фактот што Хрговиќ и Дубоа се соочија во рингот по завршувањето на главниот меч.
На останатиот дел од програмата, Мајкл Гомез Џуниор и Луи О’Доерти ремизираа со мнозинска судиска одлука. Еден судија пресуди 115:114 за Гомез, а преостанатите двајца имаа 114:114.
Адам Оланјан го победи Ден Гарбер со технички нокаут во втората рунда, додека Баходир Џалолов беше подобар од Соломон Дејкрес со едногласна одлука на судиите со 99:91, 99:90 и 99:90. Нелсон Бирчал славеше против Леви Џајлс со технички нокаут во седмата рунда.
Во воведните борби, Тони Кертис го нокаутира Керим Агијус во четвртата рунда, Зејн Ахмед со технички нокаут во првата рунда го совлада Кејси Бреднам, а Лејтон Бирчал на поени беше подобар од Луис Варе Карилјо.
Мани Сафари го победи Џејк Полард со нокаут во петтата рунда, Фавас Абороде беше подобар од Рашид Омар со нокаут во четвртата, а Арон Нориега во истата рунда го запре Леонардо Баез. Исаја Хамилтон-Ален го совлада Јенсен Ирвинг на поени со 40:36.