Дома Фудбал Џексон воодушевен од Манзамби: Ќе стигне до самиот врв

Џексон воодушевен од Манзамби: Ќе стигне до самиот врв

Астон Вила славеше на „Сент Џејмс Парк“ со 1:0, а херој на гостите беше Јохан Манзамби, кој уште еднаш покажа дека одлично се снаоѓа во Премиер лигата.

Швајцарскиот репрезентативец во 36. минута остана целосно сам во шеснаесетникот и по центаршутот на Жоао Гомеш од десната страна ја затресе мрежата на Лукас Хорничек. Тој погодок се покажа како решавачки за тимот на Унаи Емери.

По натпреварот, Николас Џексон не штедеше пофалби за својот соиграч и порача дека Манзамби може да стигне многу далеку во кариерата.

„Тој е фантастичен играч и сè уште напредува. Се надевам дека од натпревар во натпревар ќе биде уште подобар, ќе постигнува голови и понекогаш ќе ми асистира и мене. Ако остане здрав и продолжи напорно да работи, сигурен сум дека го чека голема кариера со уште многу голови и асистенции“, изјави Џексон.

Манзамби летово беше блиску до трансфер во Њукасл, но Вила успеа да го преземе договорот и да го доведе од Фрајбург. Засега тој потег изгледа како полн погодок.

Во сите натпреварувања Манзамби веќе има учинок од пет директни учества во голови, односно три погодоци и две асистенции. Од дебито против Тотенхем на 19 септември, само Ерлинг Халанд има подобар ефект меѓу играчите во Премиер лигата, со шест.

Покрај тоа, Манзамби стана само четвртиот фудбалер на Астон Вила кој на своите први три старта во Премиер лигата успеал да запише гол или асистенција. Пред него тоа им успеало на Дејлиан Аткинсон, Дион Даблин и Дени Ингс.

Вила имаше 15 удари, еден помалку од Њукасл, но беше поопасна според очекуваните голови со 1.5 спрема 1.06. Тимот на Емери создаде и три големи шанси, а притоа не дозволи ниту една таква можност на противникот.

Натпреварот го одбележа и спорниот старт на Свен Ботман врз Џексон во првото полувреме. Иако ситуацијата се проверуваше за можен црвен картон, ВАР не интервенираше, а дефанзивецот мина само со жолт картон.

„Добро сум. Судијата даде жолт картон, но стартот беше многу висок. Следниот пат се надевам дека тоа ќе биде црвен. За малку ќе ми ја скршеше ногата, но најважно е што победивме и што сум добро“, додаде Џексон.

За Њукасл ова беше уште еден проблематичен домашен настап. Тимот веќе 16 натпревари по ред во сите натпреварувања нема „чиста мрежа“ на свој терен, што е најлоша ваква серија во клупската историја.

Тренерот Матијас Јајсле смета дека неговиот тим не бил доволно конкретен во завршницата.

„Го контролиравме мечот и делуваше дека можеме да победиме, но потоа го примивме голот. Имавме добра реакција, особено во второто полувреме, бевме агресивни и ги добивавме дуелите. Сепак, не бевме доволно паметни во последната одлука во шеснаесетникот. Тоа е нешто на кое мора да работиме“, изјави Јајсле.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Де Роси: Рома не нè надигра, пресуди ремек-делото на Кастро

Тренерот на Џенова смета дека неговиот тим долго бил рамноправен на „Олимпико“, но моменто…