Дома Моторспорт BTCC добива рекорден дебитант: Ноа Јанг ќе вози за Team VERTU со само 16 години

BTCC добива рекорден дебитант: Ноа Јанг ќе вози за Team VERTU со само 16 години

Британскиот туринг шампионат во 2027 година ќе добие рекордно млад дебитант, откако Team VERTU го потврди ангажманот на Ноа Јанг.

Јанг ќе влезе во Hyundai i30 N Fastback на Донингтон Парк на возраст од 16 години и 11 месеци, со што ќе стане најмладиот возач што одработил цела сезона во BTCC. Така ќе го надмине досегашниот репер на Том Чилтон, кој имаше 17 години кога ја почна својата прва комплетна сезона во 2002 година.

Според информациите, токму пензионирањето на Чилтон најверојатно го ослободило местото во тимот, додека се очекува Том Инграм и Ник Хамилтон да останат дел од составот на EXCELR8 и во 2027 година.

Договорот на младиот возач не се однесува само на една сезона. Team VERTU потврди дека Јанг има обезбедено место и за 2028 година, а неговата дебитантска кампања ќе биде сфатена како период за адаптација и учење, пред обид за поголем исчекор во втората година.

Тоа значи дека сезоните 2027 и 2028 ќе му бидат дури трета и четврта во вистински автомобилски трки, иако има дополнително искуство и на iRacing симулаторот.

Во реалното тркање, Јанг дебитираше во Ginetta Junior серијата во 2025 година. Таму освои седум победи во Freshman класата и стигна до еден вкупен подиум во Winter Series. Потоа, во 2026 година, ја заврши сезоната со најдобар пласман на 12. место во шампионатот.

„Ginetta Juniors беше одлично место за мене да учам во последните две сезони, со блиско тркање и битки за подиум од првиот до последниот круг“, изјави Јанг.

„Успеав да научам многу во серија која е тешка, но фер, а сега добивам неверојатна можност да преминам во најистакнатата серија во британскиот мотоспорт со еден од најдобрите тимови на гридот.

„Свесен сум дека ова е голем чекор напред за мене и дека ме чекаат многу предизвици, но подготвен сум да се соочам со нив. Првото седнување зад воланот на автомобилот на Донингтон само по себе беше неверојатно искуство, а зимата ќе биде многу важна во подготовките за мојата прва трка напролет.

„Голема благодарност до EXCELR8 и Team VERTU што ми дадоа поддршка за овој потег, како и до моите спонзори што ми помогнаа да стигнам до гридот.“

Јанг веќе го имал и првото тестирање во VERTU Hyundai на Донингтон Парк, а се очекува да мине низ сериозна подготвителна програма пред дебито.

Дополнителен плус за него е и тоа што работи со Том Инграм, кој му е ментор и тренер.

„Ноа е млад возач кој ги поставува вистинските прашања и внимателно ги впива советите што ги добива. Навистина уживав работејќи со него оваа година.

„Настапот во BTCC е голем чекор бидејќи акцијата таму е постојана и нема простор за криење, но воопшто не сум загрижен што ќе биде на гридот и покрај неговата возраст.

„Тој има тркачки инстинкт, зрело размислување и сигурен сум дека добро ќе се вклопи во тимот. Со нетрпение очекувам да ни се приклучи во гаражата“, порача Инграм.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Фосароли откри зошто секогаш носи исти нараквици: Една е подарок од Колапинто

Аргентинскиот новинар Хуан Фосароли, препознатливо лице во Ф1 падокот, раскажа дека дел од…