
Црвена звезда врза и четврта победа по ред во Евролигата, а највпечатливо име на натпреварот беше Чима Монеки. Крило-центарот на белградскиот тим по мечот зборуваше за настапот на екипата, за сопствената самодоверба, за адаптацијата на соиграчите, но и за дербито со Партизан кое веќе му е во мислите.
Монеки истакна дека стартот на натпреварот бил еден од клучните моменти за победата.
„Почнавме добро и тоа е многу важно. Ако сакаме како тим да направиме исчекор, ова беше натпревар што моравме да го добиеме. Минатата сезона губевме вакви мечеви. Не бевме идеални во сите 40 минути, но бевме подобри“, порача тој.
Во текот на средбата имаше и мал проблем со повреда, па објасни зошто заминал кон соблекувалната уште пред полувремето.
Станувало збор за извртување на зглобот и, како што рече, сакал веднаш да почне со терапија. Дополнително појасни дека имало недоразбирање во комуникацијата, а болката сè уште е присутна. Сепак, неговата порака беше јасна: ако биде во составот за следниот меч, ќе биде подготвен.
Монеки се задржа и на психолошкиот аспект на спортот. Посочи дека со текот на времето сфатил што навистина е важно во животот и дека спортистите често се изложени на навреди и лош третман, особено на социјалните мрежи. Токму затоа, летово ги деактивирал профилите и, според неговите зборови, созреал и појасно ги поставил приоритетите.
Како пример го спомена и Новак Ѓоковиќ.
„Тој е совршен пример за човек што знае што е најважно и секогаш е фокусиран на суштинските работи. Инспирација е за милиони и би сакал да разговарам со него токму на таа тема“, истакна Монеки.
Една од темите беше и времето потребно за адаптација, особено за играчите кои доаѓаат од САД и од НБА во европска кошарка. Монеки нагласи дека не може веднаш да се очекува врвно ниво и дека за таков процес е потребно трпение.
Тој објасни дека и самиот минал низ тежок период на приспособување кога дошол од втората француска лига, па затоа добро знае колку е комплицирано уште во првата сезона да се игра на високо ниво во Евролигата. Според него, неговиот соиграч е одличен шутер и паметен кошаркар, па со време ќе биде уште подобар и уште покорисен за тимот.
Монеки додаде и дека најмногу може да помогне надвор од теренот. Потсети дека на соиграчот уште во претсезоната му кажал дека ќе има тешки моменти и препреки, но и дека секогаш може да му се јави ако му треба нешто. Притоа посебно ја спомена носталгијата по домот, за која смета дека премалку се зборува кога станува збор за спортисти кои играат далеку од својата земја.
Кога станува збор за шутот за три поени, Монеки беше јасен дека сè почнува од главата.
„Полn сум со самодоверба кога шутирам за три. Најголемиот дел е ментална подготовка. И кога ќе промашам, останувам смирен и верувам дека следниот шут ќе влезе. Не сум менувал многу во механиката, повеќе е до психата“, објасни тој.
По таквата партија, логично беше да биде прашан и дали ова му е најдобриот меч. Но, Монеки не се согласи целосно со таа оценка и посочи дека имал и други натпревари кои ги смета за можеби уште подобри, меѓу нив и еден против Париз додека настапувал за Басконија.
Сепак, најсилната порака ја испрати кога темата стигна до следниот ривал.
„Морам да победам. Не сум ги победил откако го носам овој дрес. Морам јас, мораме сите како тим. Најважно е да победиме“, порача Монеки пред пресметката со Партизан.