
Челси потврди дека капитенот Рис Џејмс успешно минал низ мала операција на коленото, по повредата што ја заработил на тренинг.
Десниот бек не беше во составот на лондонскиот клуб на саботниот натпревар против Борнмут на „Стемфорд Бриџ“, кој Челси го доби убедливо со 5:1. Причината за неговото отсуство биле дополнителните лекарски прегледи, а по нив било утврдено дека оперативниот зафат е неопходен.
Во соопштението од клубот се наведува дека 26-годишниот Џејмс веќе го почнал процесот на рехабилитација. Засега од Челси не соопштуваат конкретна временска рамка за неговото враќање на терените.
Сепак, според информации на англиските медиуми, капитенот на „сините“ би можел да биде надвор од терените најмалку три месеци.
Ова е нов удар за Челси, бидејќи станува збор за еден од најважните фудбалери во тимот и играч кој ја носи капитенската лента. Во клубот сега ќе чекаат како ќе тече закрепнувањето на Џејмс и кога ќе може повторно да му се стави на располагање на стручниот штаб.