
Давид Мирковиќ веќе испраќа сериозна порака на американската колеџ-кошаркарска сцена. Црногорскиот кошаркар остави силен впечаток уште во својата прва сезона во NCAA, каде што беше меѓу најдобрите во тимот на Илиноис и со клубот стигна до пласман на Фајнал фор на „Мартовското лудило“.
Момчето од Никшиќ настапува во ист тим со Андреј Стојаковиќ, а бројките од минатата сезона само дополнително го потврдуваат неговиот потенцијал. Мирковиќ просечно бележел 13,3 поени, 8,0 скока и 2,6 асистенции по натпревар, учинок што го постави високо на NCAA листите и го вброи меѓу најинтересните млади имиња од Балканот.
Според многумина, Мирковиќ е втор најдобар „софомор“, односно кошаркар од втора година, кој ќе настапува во новата NCAA сезона. Затоа не изненадува што сè почесто се зборува за него како за еден од следните големи балкански адути во светската кошарка.
Во разговор за „Спортс Илустрејтед“, младиот кошаркар доби прашање за играчите на кои најмногу се огледува. Мирковиќ без двоумење ги посочи Никола Јокиќ и Лука Дончиќ.
Тој објасни дека споредбите со Јокиќ ги слуша уште од најрана возраст. Како што откри, уште кога имал 13 години, на неговите први јавни натпревари коментаторот го нарекувал едноставно „Јокиќ“, наместо со неговото презиме, бидејќи стилот на игра го потсетувал на српскиот ас.
„Би рекол дека уште од мал, кога ги играв првите јавни натпревари на 13 години, имавме коментатор кој ме викаше Јокиќ. Воопшто не го кажуваше моето презиме. Толку многу го потсетував на него. Така израснав и сите ме споредуваа со него. Би рекол дека најмногу личам на него и на Лука. Слични сме, имаме слични тела. Доаѓаме од сличен, односно ист регион. Тоа се двајцата играчи на кои најмногу се огледувам“, изјави Мирковиќ за „Спортс Илустрејтед“.
Со вакви настапи и со ваква репутација уште во раната фаза од кариерата, јасно е зошто Мирковиќ веќе е означен како еден од најголемите балкански таленти во колеџ-кошарката. Новата NCAA сезона ќе биде уште една голема шанса да покаже дека високите очекувања не се случајни.