Дома Останати Ракомет Лазаров доби големо засилување: Дмитро Хорија ќе игра за Македонија!

Лазаров доби големо засилување: Дмитро Хорија ќе игра за Македонија!

Македонската ракометна репрезентација ќе биде посилна во квалификациите за Европското првенство 2028, откако Дмитро Хорија доби зелено светло да настапува за нашата селекција.

Украинецот по потекло веќе му стои на располагање на селекторот Кирил Лазаров, а веста ја потврди претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, на средба со новинарите.

Станува збор за лев бек од кого во националниот тим очекуваат дополнителен квалитет во надворешната линија. Хорија зад себе има искуство од Лигата на шампионите, а според најавите треба да донесе поголема ширина во составот, повеќе опции во нападот и посилен шут од бековската линија.

„Верувам дека добиваме играч кој ќе донесе значителен квалитет и ќе има голем придонес. Тој е во најдобрите играчки години и се надеваме дека неговото доаѓање ќе ни помогне да напредуваме и да оствариме подобри резултати во иднина“, изјави Стефанов.

Хорија добил македонски пасош пред две години, но морал да го заврши задолжителниот период на чекање според правилата на ИХФ за да може да го смени спортското државјанство. Сега таа постапка е завршена и тој има право на настап за Македонија.

Пред да го смени репрезентативниот дрес, Хорија беше стандарден член на украинската репрезентација. За Украина запиша повеќе од 20 официјални настапи и постигна околу 60 гола, а беше дел и од Европското првенство во 2020 година. Настапуваше и во квалификациите за наредните европски и светски шампионати.

Во македонскиот табор амбициите за следниот циклус се јасно поставени – пласман на ЕП 2028. Квалификациите Македонија ќе ги отвори на домашен терен против Луксембург на 4 ноември, а четири дена подоцна ќе гостува кај Грција.

Со вакво засилување, Лазаров добива уште една важна опција во ростерот во обидот Македонија да стигне до посакуваното место на континенталниот собир.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ракомет

Проверете

ЛШ на ЕХФ: Веспрем убедлив, Магдебург сигурен, Загреб падна во драма

Четвртото коло во Лигата на шампионите донесе ефикасни мечеви и неизвесни завршници. Магде…