Дома Останати Кошарка Од паркетот до значка: Амаре Стаудемаер заврши полициска академија во Мајами

Од паркетот до значка: Амаре Стаудемаер заврши полициска академија во Мајами

Поранешната НБА ѕвезда Амаре Стаудемаер влегува во сосема поинаква улога по крајот на кошаркарската кариера. Некогашниот ас на Феникс Санс и Њујорк Никс ја завршил Полициската академија во Мајами и сега се подготвува за нова професија – работа во полиција.

Шесткратниот ол-стар ја комплетирал обуката на Полициската академија на колеџот Мајами-Дејд, а свеченото доделување дипломи било одржано во средата, на 14 октомври. Следната фаза за Стаудемаер ќе биде практична обука, по што би требало да се приклучи на полицискиот сектор задолжен за училиштата во округот Мајами-Дејд.

На 43-годишна возраст, кога многу поранешни спортисти избираат мирна пензија или остануваат во кошарката како тренери и аналитичари, Стаудемаер решил да тргне по пат што, според неговите зборови, го посакувал уште од детството.

Во разговор за „Sports Illustrated“, тој објаснил дека идејата да стане полицаец не е нова.

„Тоа е нешто што сакам да го работам уште од дете. Се сеќавам дека во основно училиште нè прашуваа што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, а мојот прв одговор беше дека сакам да бидам полицаец.“

Одлуката, како што посочил, е поврзана и со семејната традиција. Неколку негови роднини работеле во полиција, а и неговата сестра минува низ полициска обука.

„Мојот вујко беше командир, неговиот брат заменик-шериф, мојот братучед е командир, а и сестра ми е на академија. Тоа е практично семејна традиција.“

Патот до дипломата не бил воопшто лесен, иако Стаудемаер зад себе има долга професионална кариера на највисоко ниво. Обуката траела околу десет месеци и вклучувала интензивни тренинзи, трчање на подолги дистанци, склекови, стомачни вежби, воени вежби и сериозна теоретска настава.

Тој признал дека токму физичкиот дел од академијата бил поинаков од она на што бил навикнат како НБА кошаркар.

„Беше малку потешко, бидејќи сега трчам многу повеќе од порано. Во НБА трчате на кратки делници, додека на Полициската академија мора да минувате многу поголеми дистанци.“

Иако дипломирал, тоа не значи дека веднаш самостојно ќе излезе на терен. Пред да ги преземе целосните обврски, Стаудемаер ќе треба да мине дополнителна внатрешна обука и период на работа со поискусен полицаец, со цел да стекне практично искуство.

Стаудемаер остави силен белег во НБА во текот на 14 сезони, играјќи за Феникс Санс, Њујорк Никс, Далас Маверикс и Мајами Хит. Важеше за еден од најдоминантните високи играчи во својата генерација, а настапите во дресот на Феникс останаа запаметени како дел од една од највозбудливите ери на клубот.

По НБА, кариерата ја продолжи и во странство, настапувајќи и за Хапоел Ерусалим и Макаби Тел Авив, пред во 2020 година да стави крај на професионалното играње. Во 2026 година доби и големо признание, откако беше примен во Нејсмитовата Куќа на славните.

Наместо класичен спортски продолжеток по пензијата, Стаудемаер избра целосно поинаква насока. За поранешниот НБА ас, новото поглавје очигледно не е импулсивна одлука, туку желба што ја носел со себе со децении.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Паркер со интересен коментар за Фелиз: Против идолот не промашуваше

Андрес Фелиз одигра партија за паметење против АСВЕЛ, а Тони Паркер по мечот откри што сто…