
Македонскиот тренер Ѓорѓи Мојсов имаше позитивно деби на клупата на српскиот прволигаш Земун, кој конечно успеа да освои бод по серијата од седум последователни порази.
Мојсов вчера и официјално беше промовиран за нов тренер на Земун, каде што ја презеде функцијата од Милан Куљиќ. Пред него е исклучително тешка задача – да обезбеди опстанок во најсилната српска конкуренција, со оглед на лошиот старт на тимот во сезоната.
Земун денеска на домашен терен одигра 1-1 против Радник Сурдулица, со што ја прекина црната серија и стигна до својот втор бод сезонава. По девет одиграни кола, тимот се наоѓа на последното место на табелата.
Домаќините долго време имаа предност, откако Лазиќ си постигна автогол во 29. минута. Сепак, Радник успеа да се спаси од пораз, а Новаковиќ во 70. минута го постави конечниот резултат.
Мојсов во српскиот клуб пристигна по успешниот период во Тиквеш, каде што ја извршуваше функцијата прв тренер од септември 2022 до октомври минатата година. Сега го очекува сериозна битка за спас на Земун од испаѓање.