
Вардар по четири години повторно ќе ги пречека најдобрите европски екипи пред своите навивачи. Црвено-црните на 16 септември ќе го одиграат првиот домашен натпревар во Лигата на шампионите, а во СЦ „Јане Сандански“ ќе гостува француски Нант.
Билетите за овој европски спектакл веќе се пуштени во продажба. Навивачите можат да ги купат онлајн, по цени од 400, 500 и 600 денари, во зависност од местото во салата.
Од Вардар упатија повик до своите симпатизери да го исполнат „Јане Сандански“ и со гласна поддршка да му помогнат на тимот на првиот европски натпревар пред домашната публика сезонава. Мечот меѓу Вардар и Нант е закажан за 16 септември од 18:45 часот.
Сепак, пред европското деби пред своите навивачи, вардарци ќе имаат уште еден сериозен предизвик. Во четврток ќе му гостуваат на германски Мелсунген во првото коло од новата сезона во Лигата на шампионите.