
Македонската фудбалска репрезентација би можела да добие неколку нови имиња за претстојните натпревари во Лигата на нации. Матеј Гаштаров веќе е потврден како нов репрезентативец, додека за уште двајца фудбалери се води битка со административните процедури.
Станува збор за Андреј Тодороски и Казимчан Караташ, кои со своите настапи во клубовите го привлекоа вниманието на селекторот Седлоски. Иако постои интерес тие да бидат повикани во националниот тим, во моментов главна пречка е обезбедувањето на потребната документација.
Тодороски настапува за ТСЦ, каде што пристигна од Спартак. Фудбалерот, кој поголем дел од детството и младоста го поминал во Австрија, поседува австриски пасош.
Слична е ситуацијата и со Караташ. Фудбалерот на актуелниот турски шампион Галатасарај речиси целата кариера ја мина во Турција, каде што настапуваше и за Алтај, Анкарагучу и Башакшехир. Во 2025 година имаше и кратка епизода надвор од Турција. За двајцата фудбалери во тек е процедурата за добивање спортски пасош, документ кој би им овозможил да го облечат дресот на Македонија.
Она што е најважно е дека желбата за настап за македонската репрезентација постои и кај Тодороски и кај Караташ. Останува административните пречки да бидат надминати навреме.
Македонија својот прв натпревар во новото издание од Лигата на нации ќе го одигра на 26 септември против Швајцарија.