
Шалке го донесе јужнокорејскиот напаѓач Хванг Хи-чан на десетмесечна позајмица од Вулверхемптон на последниот ден од трансфер периодот, но реализацијата на трансферот беше неизвесна до последен момент.
Колку драматична беше ситуацијата најдобро зборува податокот дека целосната документација беше регистрирана само 35 секунди пред истекот на трансфер периодот во Германија.
Спортскиот директор на Шалке, Франк Бауман, ги откри деталите за оваа неверојатна драма.
„Кога добивме потврда дека сè е внесено во системот на ДФБ, останаа 35 секунди до крајот на трансфер периодот”, рече Бауман.
Шалке и Вулверхемптон начелно се договорија околу трансферот уште околу 17 часот, но работата потоа застана поради администрација и дигитални потписи.
“Десет минути пред затворањето на трансфер периодот првпат помислив дека трансферот нема да се реализира. Она што некогаш беше факс, денес е дигитален свет со работи како дигитален потпис”, објасни Бауман.
Шалке реши медицинскиот преглед на јужнокорејскиот напаѓач да го спроведе ден по официјалната регистрација на трансферот.
Во клубот проценија дека таквиот ризик е прифатлив бидејќи се работи за десетмесечна позајмица. Според информациите на Sky Sport, Шалке има и опција да го откупи Хванг на крајот на позајмицата за три милиони евра.