
Поранешниот фудбалер на Ливерпул и англискиот репрезентативец, а денес телевизиски аналитичар Џејми Карегер, е пред прогласување на банкрот поради неподмирен даночен долг кој, според извештаите, изнесува помеѓу 700.000 и 800.000 фунти.
Документите во кои BBC имаше увид покажуваат дека во среда е започната постапка против Џејмс Ли Данкан Карегер.
Барањето за започнување на стечајна постапка го поднеле правните застапници на британската Даночна и царинска управа (HMRC), а информацијата прва ја објави City AM.
Од HMRC не сакаа да го коментираат конкретниот случај, но објаснија како постапуваат со лицата кои имаат даночни долгови.
„Се трудиме да им дадеме поддршка на клиентите кои имаат даночни долгови и правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на оние кои соработуваат со нас да излезат од долгови, вклучително и можност за отплата на рати. Барање за банкрот поднесуваме само како последна опција“, соопштија од HMRC.