
Црвена звезда доживеa еден од најтешките европски порази во новата историја, а тренерот на Белградскиот тим, Алберт Риера, не успеа да ја сокрие лутината по мечот.
Откако победија со 3:0 во првиот натпревар против Викторија Плзен, во реваншот во Чешка доживеаа комплетен дебакл. Викторија победи со 5:1, направи неверојатен пресврт и ја елиминираше Звезда од Лига Европа, додека српскиот шампион ќе го продолжи европскиот пат во Конференциската лига.
По натпреварот, Риера не го сокри разочарувањето, но додаде дека вина за поразот е негова и дека неговиот тим мора нешто да научи од ова.
“Игравме две сосема различни игри, со десет и со единаесет играчи. Кога сите 90 минути на домашен терен имавме одинаесет, бевме подобри. Но, ова е фудбалот. Ако правиме грешки, особено глупави грешки, како тие што ги направивме при 1:1, тогаш вакви работи се случуваат”, истакна Риера.
Шпанскиот тренер нагласи дека не бара многу од своите играчи, само да се придржуваат до договореното.
“Не им испраќам 100 пораки, туку само една. Ако не го прават она што го велам, што да направам? Да ги обвинувам играчите? Не. Им треба тренер. Јас ги прифаќам сите критики. Ќе ги сносам сите последици. Мораме да научиме од ова, зашто ја подготвувам екипата за Лига на шампиони. Кој не е на ова ниво, тогаш – збогум. Мора да бидеме подготвени да се соочиме со вакви ситуации.”
Риера беше прашан дали жали за составот што го изведе од самиот почеток на натпреварот.
“Не. Немам причина да жалам. Имавме 1:1 резултат и можевме да направиме подобро, но не жалам за почетната постава.”
Црвена звезда сега продолжува во Конференциската лига, а тренерот смета дека неговиот тим брзо треба да се опорави.
“Што следува? Продолжуваме понатаму. Најдобриот начин е да разговарам со играчите. Утре мораме да станеме повторно и да победиме за викендот. Играме во Конференциската лига? Добро. Таму ќе бидеме фаворити. Сега мораме да бидеме фаворити во Конференциската лига.”