
Винисиус Жуниор е извонреден фудбалер, но и личност која ја подели јавноста на оние кои го обожуваат и на оние кои имаат комплетно спротивен став кон него.
Во Шпанија, долго време преовладува мислењето дека го сакаат речиси исклучиво навивачите на Реал Мадрид, но како што минуваат годините, а Бразилецот не го менува своето однесување, сè повеќе и Мадридисти јавно му упатуваат критики.
Еден од нив е Сантјаго Кањизарес, роден Мадридјанец, дете на Реал и поранешен голман на првиот тим, кој беше дел од познатата генерација што во 1998 година во Амстердам ја освои Лигата на шампионите со победа против Јувентус.
“Ова лето се водеше дебата за неговиот статус. Му остана уште една година од договорот – да го продадеме или не? Мора да размислите што ви носи на теренот, а што ви одзема. Знаете каде беше проблемот? Никој не го сака”, започна Кањизарес гостувајќи на популарната радиостаница Кадена КОПЕ.