
Српскиот фудбалер Душан Влаховиќ би можел да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига, бидејќи се шушка дека Њукасл е заинтересиран за неговите услуги.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
По неуспешните преговори за продолжување на соработката со Јувентус, 26-годишниот српски напаѓач Душан Влаховиќ е во потрага по нов клуб. Наскоро би можел повторно да ја облече црно-белата униформа.
Англискиот клуб Њукасл е еден од ретките кој е подготвен да ги исполни големите барања на овој фудбалер. Имаат потреба од напаѓач, со оглед на тоа дека не се задоволни од учинокот на Ник Волтемаде и Јоан Виса.
На „Сент Џејмс Парк“ веруваат дека Влаховиќ би можел да биде вистинскиот избор. Понудата на клубот е привлечна бидејќи Влаховиќ би дошол како слободен играч, што им овозможува да ги задоволат барањата на играчот.
Барањата кои ги имаше кон Јувентус беа значајни. Тој бараше годишна плата од осум милиони евра нето, како и дополнителни 30 милиони евра бруто за потпис и провизија.
Јувентус бргу ја заврши приказната. Веќе потрошија 170 милиони евра на Србинот во последните четири и пол години и немаше шанса да му дадат толку висока сума повторно, особено не само за потпис и провизија која би завршила во џепот на агентот.
Њукасл, пак, изгледа подготвен да ги прифати овие услови. Ќе видиме дали ќе дојде до официјална понуда или ќе се обратат кон други решенија.
Не се многу клубови кои се подготвени да ги исполнат неговите барања. Износот е навистина голем за услугите кои ги дава.
Јувентус плати 84 милиони евра на Фиорентина за Влаховиќ, а во последните четири години беше најплатен фудбалер во Серија А со плата од 12 милиони евра нето.
Во дресот на Јувентус, Влаховиќ покажа далеку послаби перформанси од очекуваното за напаѓач за кого е вложена толкава сума. Критиките беа постојани, особено во моменти кога немаше погодок со месеци, па и самиот клуб почна да размислува дека е време за разделба и намалување на трошоците.
Му беше понудено да остане во клубот со понуда од шест милиони евра, плус еден милион за потпис, но тој побара многу повеќе, па одлуката беше да не продолжат.
Од друга страна, во Њукасл веруваат дека промена на средината и стилот на игра во Премиер лигата може да му одговараат повеќе. Тимот на „Сент Џејмс Парк“ игра напаѓачки фудбал, создава многу шанси и им е потребен класичен напаѓач кој ќе ги искористува тие можности.
Тие го гледаат токму Влаховиќ во таа улога, со надеж дека со вистинската поддршка од крилината и средниот ред, може повторно да го постигне нивото што го имаше во деновите на Фиорентина.
Негово име претходно беше поврзано и со тимови како Челси и Арсенал, но интересот никогаш не прерасна во конкретни преговори.
Сега топката е во дворот на Влаховиќ. Тој во наредните недели ќе мора да одлучи дали ќе прифати живот и притисок во најсилната лига на светот или ќе чека друга понуда која можеби ќе биде поскромна финансиски, но покомфорна на спортски план.
Каква и да биде неговата одлука, таа ќе го остави својот белег на остатокот од неговата кариера и конечно ќе одговори на прашањето дали е навистина играч за најголемата сцена.