
Откако го договори доаѓањето на Жозе Мурињо, како и засилувањата во одбраната Дензел Дамфрис и Ибрахима Конате, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, нема намера да застане. Во пресрет на претседателските избори во Реал Мадрид, кои ќе се одржат оваа недела, а на кои негов противкандидат ќе биде Енрике Рикелме, актуелниот прв човек на клубот најави испраќање понуда од 150 милиони евра за нов фудбалер.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Шпанските медиуми тврдат дека станува збор за играчот од средниот ред на Пари Сен Жермен, Жоао Невеш.
„Во вторник ќе испратам понуда до еден голем клуб за врвен играч. Ќе понудам 150 милиони евра, што ќе биде најголемата сума што Реал Мадрид некогаш ја платил за еден фудбалер“, изјави Перез.
Тој се обиде да остане мистериозен:
„Никогаш нема да погодите за кого станува збор“, порача Перез, додавајќи дека метата не е Мајкл Олисе, ниту Ерлинг Халанд, ниту пак кој било играч од англиската Премиер лига.
Сепак, шпанските медиуми брзо го открија идентитетот на фудбалерот за кого Перез ќе ја испрати најголемата понуда во историјата на клубот.
„Флорентино Перез ја испраќа оваа понуда за Жоао Невеш“, потврди познатата шпанска новинарка Аранча Родригез.
Станува збор за 21-годишна португалска ѕвезда која прикажува одлични настапи во дресот на ПСЖ. Во Париз пристигна летото 2024 година од Бенфика за 66 милиони евра, а неговото доаѓање би требало да означи почеток на нова ера во средниот ред на Реал Мадрид.
За ПСЖ, овој централен играч за врска има одиграно 97 натпревари, при што постигнал 14 голови и запишал исто толку асистенции.
Радиостаницата Cope тврди дека Перез е подготвен да плати и повеќе од 150 милиони евра и дека нема да се откаже од трансферот, туку ќе направи сè што е потребно за да го доведе Жоао Невеш во Реал Мадрид.