
Повратокот на Жозе Мурињо на кормилото на Реал Мадрид повторно е на повидок, во период кога во шпанската престолнина сѐ повеќе се зборува за промени по разочарувачката сезона што се заканува да заврши без ниту еден освоен трофеј.
Сегашниот тренер Алваро Арбелоа е под силен притисок, а неговото заминување на крајот од сезоната изгледа како реална можност, особено ако се земе в предвид дека Реал заостанува неколку бодови зад Барселона во Ла Лига.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Во вакви услови, раководството на клубот веќе разгледува потенцијални замени, а според достапните информации оформена е листа од шест кандидати кои би можеле да ја преземат екипата, меѓу кои се и Јурген Клоп, Маурицио Почетино, Јулијан Нагелсман, Дидие Дешамп и Масимилијано Алегри.
Сепак, најголема врева предизвикува името на Мурињо, човек кој веќе остави длабока трага во Мадрид и, според пишувањето на шпанскиот весник AS, не би имал ништо против да се врати на Сантијаго Бернабеу.
Во моментов, португалскиот стратег ја води Бенфика, со која има договор за уште една сезона, но состојбата во Лисабон не е идеална и покрај тоа што тимот се уште не е поразен во домашното првенство.
Имено, португалскиот тренер има можност да го напушти клубот без обештетување во рок од десет дена по последниот натпревар од сезоната, што значи дека Реал би можел брзо да реагира и да го донесе без никакви финансиски трошоци.
Според моменталната ситуација, Бенфика својата последна средба треба да ја одигра на 16 или 17 мај, што остава краток, но многу важен временски прозорец за можен потег од страна на Мадрид.
Ако Реал одлучи да одложи со одлуката, ситуацијата се менува бидејќи тогаш би требале да платат обештетување за Мурињо, што дополнително комплицира целиот процес.