
Ракометарите на Вардар со убедлива игра го потврдија првото место во групата 3 од ЕХФ Европската лига, откако на гостувањето во Германија славеа против Мелсинген со 34-25.
На „црвено-црните“ им беше потребна било каква победа за да останат лидери во групата, а тие одговорија со сигурна и доминантна партија. Уште од самиот почеток македонскиот состав го наметна својот ритам и јасно покажа дека ќе го контролира текот на натпреварот.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
Вардар одлично го отвори дуелот и по осум минути игра имаше водство од 6-1. Домашниот тим накратко се врати во игра и во 16. минута стигна до израмнување (7-7), но тоа беше единствениот период кога успеа да парира. Ракометарите на Вардар брзо ја вратија контролата, повторно го кренаа темпото и до паузата создадоа солидна предност од 17-12.
Во второто полувреме разликата дополнително се зголеми. „Црвено-црните“ отворија силно и стигнаа до 20-12, со што практично ја обезбедија победата. До крајот германскиот тим успеа само на моменти да ја намали негативата, но немаше сила сериозно да го загрози македонскиот претставник.
Најефикасни во македонскиот состав беа Воркапиќ и Франциско со по шест гола, додека Боно додаде пет погодоци. Значаен придонес имаа и голманите кои заедно забележаа 11 интервенции.