
Македонскиот олимписки комитет вчера на прес-конференција ги соопшти имињата на спортистите кои ќе ја претставуваат Македонија на Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Кортина и Милано, при што беше потврдена и измена во првично најавениот состав.
Улични кучиња: Системски или човечки проблем? | Уште еден поткаст
Како што информираат од МОК, алпскиот скијач Лазарески нема да патува на Олимписките игри поради сомнеж за прекршување на антидопинг правилата, односно поради позитивен наод на допинг-тест. Од Комитетот нагласуваат дека целата постапка се води согласно важечките правила и со целосно почитување на законските процедури, поради што ја пренесуваат и официјалната информација добиена од Националната антидопинг организација – НАДО МКД.
„Врз основа на официјалниот извештај (Test Report) пристигнат од акредитираната лабораторија во Seibersdorf, Австрија, во еден од двата примероци утврдено е присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање. Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на WADA, до конечна потврда на наодот, процедурите предвидуваат времена суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати („long list“). Согласно овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација“, соопштуваат од МОК.
Од Македонскиот олимписки комитет потенцираат дека за сите понатамошни информации, појаснувања и официјални ставови поврзани со случајот, јавноста треба да се обрати исклучиво до НАДО МКД, како единствено надлежна институција за вакви прашања.