
Тренерот на Атлетико Мадрид Диего Симеоне се најде во центарот на вниманието на шпанската и светската јавност по инцидентот кој се случи за време на полуфиналето на Суперкупот на Шпанија против Реал Мадрид, во кој влезе во вербален судир со крилниот напаѓач на тимот на Кралскиот клуб, Винисиус Жуниор.
За време на натпреварот, камерите забележаа како Симеоне од клупата му дофрла на Винисиус, потсетувајќи го на свирежите кои често ги добива на стадионот Сантијаго Бернабеу, но и на неговата позиција во Реал Мадрид.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Во еден момент аргентинскиот тренер му порача:
“Флорентино ќе те отпушти, запамети го тоа што ти го зборувам”, што предизвика бурна реакција и на теренот и на клупата на Реал.
Винисиус видливо се вознемири, додека тренерот на Реал Мадрид Чаби Алонсо веднаш реагираше, сметајќи дека Симеоне ја преминал границата на спортското однесување и влегол во сферата на лични провокации.
Во Реал Мадрид овие зборови ги доживеаја како сериозна навреда и обид за дестабилизација, особено затоа што доаѓаат од тренерот на најголемиот градски ривал, па целиот случај дополнително ги зголеми тензиите помеѓу двата клуба.
Неколку дена подоцна, пред натпреварот на Атлетико во Купот на кралот против Депортиво од Ла Коруња, Симеоне се обрати на медиумите и одлучи да се осврне на спорниот настан.
При таа прилика упати јавно извинување до Винисиус и претседателот на Реал, Флорентино Перез.
“Би сакал да се извинам на господинот Флорентино и господинот Винисиус за инцидентот на кој беа сведоци. Погрешив со тоа што се доведов во таква ситуација и прифаќам дека тоа беше грешка.”
Сепак, Аргентинецот нагласи дека неговото обраќање не оди подалеку од тоа, и дека не бара прошка за своето однесување.
“Се извинувам, но не барам прошка. Немам ништо повеќе да додадам”, порача Симеоне, јасно ставајќи до знаење дека смета дека со тоа ја заклучил оваа тема.