
Тренерот на Јувентус Лучано Спалети изјави дека во јануарскиот трансфер период не му се потребни засилувања, а не се оптоварува и со прашањето за новиот договор. На прес-конференцијата пред натпреварот против Лече, италијанскиот стратег истакна дека е целосно задоволен од постоечкиот играчки кадар и соработниците во клубот.
Иако зимскиот трансфер период само што започна, а многу извори тврдат дека Јувентус ќе бара засилување во средниот ред, Спалети инсистираше дека од управата не побарал нови играчи. “Дојдов овде со јасни договори кога го прифатив Јувентус. Не очекувам ништо; многу сум задоволен од играчите што ги имам на располагање”, изјави Спалети.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
Неговата изјава доаѓа веднаш откако клубот го потврди враќањето на Марко Отолини на позицијата спортски директор. “Тој ќе се грижи за трансфер периодот. На пазарот има можности за евентуално комплетирање на тимот, но тоа не е тема што намерам да ја покренам сам. Задоволен сум од играчите што ги имам и засега не ми треба ништо”, рече Спалети.
Спалети ја презеде клупата на Јувентус во октомври по заминувањето на Игор Тудор, а договорот му е валиден до крајот на тековната сезона. И покрај одличните резултати и седум победи во последните осум натпревари, кои доведоа до пишување на италијанските медиуми за продолжување на соработката, тренерот останува мирен.
“Ако ми требаше нешто друго за да се чувствувам посигурно со подолг договор, тоа ќе го решев веднаш на почетокот”, истакна стратегот на Старата дама.