
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за отворање дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија на федерацијата против поранешниот претседател Муамед Сејдини.
Како што информираат од ФФМ, постапката се покренува поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, а е поврзана со авансната исплата од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Според достапната документација, исплатата била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор, надвор од утврдените надлежности и без обезбедена банкарска гаранција, што било спротивно и на прифатената понуда.
Од ФФМ оценуваат дека во конкретниот случај постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и постапување спротивно на интересите на федерацијата, со што се предизвикани негативни последици врз нејзината репутација и финансиското работење.
Покрај ова, Управниот одбор донесе одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ.
Ревизијата ќе опфати проверка на почитувањето на роковите, процедурите и критериумите за посетување и учество на едукативните модули, како и целокупната постапка за издавање тренерски лиценци.
Меѓу другото, ќе биде испитан и начинот на кој поранешниот селектор на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, ја добил својата ПРО лиценца, ревизија која, како што се наведува, тој самиот ја побарал.