
Поранешниот македонски првак Шкупи се наоѓа во длабока резултатска и организациска криза, а кулминацијата дојде преку јавно соопштение објавено на официјалните канали на клубот, зад кое стои навивачката група „Шверцери“. Во него, тие упатија остар и, како што велат, последен ултиматум до сопственикот на клубот, Јасин Коњали.
„Шверцери“ оценуваат дека актуелната состојба е неодржлива и алармантна, потенцирајќи дека во изминатиот период не била покажана никаква одговорност од страна на газдата. Пораката е јасна – сопственикот да го предаде клубот и да се повлече, со цел Шкупи да добие шанса за стабилизација и нов почеток.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Во соопштението, кое е објавено интегрално, навивачите истакнуваат дека клубот не е ничија приватна сопственост, туку симбол и вредност што ѝ припаѓа на целата заедница – фудбалерите, стручниот штаб и навивачите. Тие бараат итно и законско пренесување на сопственоста, без понатамошни одлагања, предупредувајќи дека секое избегнување директно ја загрозува иднината на Шкупи.
Посебен дел од обраќањето е посветен на благодарноста кон директорот, стручниот штаб и домашните фудбалери, кои, како што се наведува, повеќе од шест месеци работеле без плата и без никаква сигурност, но сепак останале лојални на клубот и го сочувале неговиот дух во најтешките моменти.
Навивачката група јасно ги наведува и условите од ултиматумот: сопственикот лично да се појави, да изврши целосен и неповратен трансфер на клубот, Шкупи да биде регистриран на име на „Шверцери“, по што Коњали целосно да се повлече од сите структури и влијание во клубот. Според нив, тоа е единствениот начин да се врати довербата и стабилноста.
Во завршницата се нагласува дека ова не е избрзана или емотивна реакција, туку обединет и конечен став, со порака дека иднината на клубот повеќе не смее да биде заложник.
Во меѓувреме, ситуацијата на теренот е подеднакво загрижувачка. Шкупи се наоѓа на дното на табелата со само еден освоен бод и е на чекор до испаѓање во понизок ранг. Тимот има дури 15 бода помалку од Пелистер, кој е првиот над линијата што води во бараж, што дополнително ја продлабочува кризата на поранешниот шампион.