
Гоце Седлоски се соочува со најголемиот испит во својата тренерска кариера. Легендарниот поранешен капитен со 100 настапи во дресот на Македонија ја презема селекторската функција и седнува на една од најжешките клупи во македонскиот фудбал, како наследник на Благоја Милевски.
Поранешниот репрезентативен стопер зад себе веќе има едно селекторско искуство, но во улога на в.д. селектор. Во тој краток мандат запиша една победа, во единствениот натпревар што го водеше – против селекцијата на Литванија. Овојпат, Седлоски за првпат официјално ќе ја предводи А-репрезентацијата како главен селектор.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
„Ова за мене претставува огромна чест, но и најголема одговорност досега. Свесен сум за тежината на задачата, но и за квалитетот што го има оваа репрезентација. Ќе се обидеме да поставиме јасен систем и тим кој ќе се бори за секоја топка и ќе оди до максимум на секој натпревар. Можеби нема секогаш да бидеме фаворити, но тоа не значи дека нема да се бориме. Ќе барам посветеност, храброст и силен карактер. Сакам Македонија да биде тим што нема да се предаде до последниот свиреж. Верувам во фудбалерите, во нивната желба да го носат националниот дрес со гордост. Со поддршка од ФФМ и од луѓето кои ѝ значат многу на репрезентацијата – Пандев, Новески, Ибраими и Најдоски – убеден сум дека можеме да постигнеме добри резултати“, истакна Седлоски.
Селекторското деби на Седлоски ќе биде во март, кога Македонија ќе гостува во Копенхаген против Данска, во бараж-натпреварот за пласман на Светското првенство во 2026 година.