
Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, не бараше причини по тешкиот пораз од 5:2 од градскиот ривал Атлетико Мадрид на стадионот Метрополитано.
Пред новинарите, тој ја презеде целосната одговорност за лекцијата која неговиот тим ја доби во дербито. Тренерот на Реал беше директен и самокритичен, правејќи темелна анализа на грешките на својот тим без прикривање зад надворешни фактори.
ТОП 11 МАКЕДОНСКИ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ - *Football Edition*
„Лош натпревар беше. Не влеговме како што треба, не игравме добро ни колективно, ни со топка, ни без неа. Изговори нема. Повредени сме, исто како и навивачите. Ова беше дерби и заслужена загубивме“, изјави Алонсо.
Тој додаде дека во дуелите и борбата за топката во средината биле преслаби и играта немала потребна течност. На прашањето за арбитражата, беше јасен:
„Нема замерки. Она што се случи денес беше независно од судењето. Заслужена загуба беше.“
Алонсо одби да ги спореди овие моменти со тешки порази од минатото, истакнувајќи дека ова е само почеток на сезоната.
„Ова е првиот ваков пораз оваа сезона; болен, без сомнение. Се чувствувам како главен виновник. Сега мораме да видиме што да поправиме и како да продолжиме понатаму“, заврши Алонсо.