
Фудбалскиот клуб Гостивар ја плати цената за напуштањето на теренот против Работнички. Одлуките што денеска ги донесе Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија се меѓу најтешките оваа сезона и сериозно го доведуваат во прашање натамошниот тек на сезоната за клубот од западот на земјата.
Поради бојкотот по примениот гол во 29. коло, Гостивар останува без девет бодови, а како дополнителен удар следи десет натпревари суспензија на домашниот терен. За да биде уште потешко, тимот ќе мора да игра најмалку 100 километри далеку од својот град.
Безбедни ли сме? Колку во Македонија се вложува во безбедност и заштита? ↓↓↓
На удар не се само клубот и бодовите. Суспендирани се и три клучни личности: претседателот Енес Уста, фудбалерот Алпер Потук и тренерот Блажо Панов – сите со двегодишна забрана од фудбалот поради организирање на напуштањето на теренот.
Сите фудбалери кои беа во записникот за мечот со Работнички се казнети со по 500 евра, а клубот дополнително ќе плати глоба од 5.000 евра.
Останати одлуки:
- ФК Башкими – 3.500 евра казна поради пиротехнички средства и неслужбени лица во службени простории.
- Претседателот на клубот, Бурак Хида, суспендиран на два месеци поради навреди кон судиите.
- ФК Струга Трим Лум – 5.000 евра казна поради инцидент и лоша организација на мечот со Гостивар.
- ФК Воска – започната постапка поради непојавување на мечот против Брера А.П.
Фото: ФК Гостивар