
Фудбалскиот клуб Норич Сити денеска го отпушти тренерот Јоханес Хоф Торуп.
Клубот го напушти и помошниот тренер Глен Ридерсхолм, а за вршител на должноста шеф на стручниот штаб за преостанатите две натпревари во англискиот Чемпионшип е именуван поранешниот фудбалер на Арсенал Џек Вилшир.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Во стручниот штаб на Вилшир ќе бидат и Тони Робертс и Ник Стенли, а Норич истакна дека ќе „продолжи во своите планови да најде трајно решение на местото на тренер“.
„Иако ова имеување беше направено со долгорочен фокус и во согласност со нашата поширока клупска стратегија и насока, за жал, последните резултати и изведби доведоа до тоа да е потребно да направиме промена. Сакам да ја изразам нашата искрена благодарност кон Јоханес и Глен. Двајцата се фантастични луѓе кои неуморно работеа на подобрување и напредување на нашиот фудбалски клуб. Сите им посакуваме се најдобро во следната фаза од нивните кариери“, нагласи спортскиот директор на Норич, Бен Напер.
Јоханес Хоф Торуп дојде во Норич на 30-ти мај минатата година, кога потпиша тригодишен договор со англискиот клуб.
Фото: Arsenal.com