Џенаро Гатузо од неговото доаѓање во Сплит прави одлична работа со Хајдук. Ако се изземе испаѓањето од Ружомберок во квалификациите за Конференциската лига, што дефинитивно спаѓа меѓу најголемите дебакли во историјата на клубот, италијанскиот тренер многу успешно ја извршува својата работа на „Пољуд“.
По 15 кола во СуперСпорт ХНЛ, значи по речиси половина од првенството, Хајдук е првопласиран на табелата со 32 освоени бода, три повеќе од второпласираната Риека и седум повеќе од третиот Динамо. Во Купот исто така стигна до четвртфиналето без поголеми проблеми, па е во игра за двата трофеи, а поради моменталната форма според некои е фаворит и на двата фронта.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Таквиот учинок на Гатузо го привлече вниманието и на многу побогати клубови од Хајдук. Претходно се споменуваше интересот на шкотскиот гигант Ренџерс, а сега италијанските медиуми пренесуваат дека за Гатузо е заинтересиран Торино. Станува збор за италијански прволигаш кој моментално го води Паоло Ваноли и минува низ резултатска криза.
Од последните десет натпревари во сите натпреварувања, Торино беше поразен на дури осум. Покрај тоа, има едно реми и една победа.
Во моментов е во серија од пет натпревари без победа во Серија А и на само три бода од зоната на испаѓање.