Како што стојат работите, Виктор Осимен кариерата ќе ја продолжи во Челзи, а Ромелу Лукаку во Наполи!
Сигурни извори од Островот откриваат дека Челзи и Наполи изгледа ја нашле идеалната формула. Виктор Осимен следната сезона ќе ја помине на позајмица во Челзи, но со задолжителен откуп следното лето, во случај Сините да се пласираат во Лигата на шампионите!
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Наполи мораше да ги спушти барањата, бидејќи преговорите со Пари Сен Жермен пропаднаа, но не се знае колку ќе треба да плати Челзи следното лето, што веројатно ќе бидат последните детали од преговорите.
Ромелу Лукаку е дел од „трампата“, иако на хартија тоа се посебни зделки. Челзи го процени Белгиецот на 20 милиони евра, но беше подготвен да го пушти по секоја цена, а тоа го искористи Антонио Конте.
Не сакаше незадоволен Осимен, а Лукаку му е доверлив човек, сите се сеќаваме како ја покорија Италија кога го освоија Скудетото.
Под палката на Конте во две сезони, 2019/20 и 2020/21, Лукаку постигна 34, односно 30 гола во сите натпреварувања, по што Челзи реши да го врати за цели 110 милиони евра.
Меѓутоа, Лукаку не успеа да го пронајде патот со Томас Тухел, повторно замина на позајмица во Интер, а потоа во Рома.
Се чини дека ваквиот договор меѓу Челзи и Наполи е најдоброто решение за сите четири страни.