Фудбалската конфедерација КОНМЕБОЛ отвори истрага за сцените од полуфиналниот натпревар на Копа Америка меѓу Уругвај и Колумбија, кој беше одбележан со немили сцени, односно пресметка на играчи со навивачите. Во тој инцидент истакната улога имаше напаѓачот на Ливерпул и на уругвајската репрезентација Дарвин Нуњез.
Да потсетиме, тој беше еден од играчите чие семејство, пишуваат уругвајските медиуми, било малтретирано од навивачи на колумбиската репрезентација на трибините.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Откако видел што се случува, Нуњез отишол да го спаси своето семејство и да ги однесе на безбедно. Попатно добиваше и им задаваше удари на навивачите кои сакаа да го спречат.
Поради сцените на насилство, КОНМЕБОЛ отвори истрага за „да се погледне редоследот на настаните и одговорностите вклучени во насилните дејствија што се случија на крајот од натпреварот меѓу репрезентациите на Уругвај и Колумбија“.
„Сакаме уште еднаш да нагласиме и предупредиме дека нема да толерираме никаква акција што би ја оцрнила оваа глобална фудбалска прослава, која вклучува и играчи и навивачи на стадионот, а која ја следат стотици милиони гледачи ширум светот.
Неприфатливо е ваквиот инцидент да ја претвори страста во насилство. Затоа, нема да се толерира однесување кое му штети на спортското натпреварување и најубавиот спектакл на светот, кој му припаѓа на целото фудбалско семејство“, се вели во соопштението.
По натпреварот, Нуњез е снимен како го носи и го смирува својот син откако го извлекува од трибините. Светските медиуми пишуваат дека тој се соочува со долга суспензија поради тепачката. Во финалето на Копа Америка ќе играат Аргентина и Колумбија, додека за третото место Уругвај ќе игра против Канада.