Откако го промовираше новиот тим на почетокот на февруари, македонскиот пилот Ристо Вуков претходниве денови требаше и да ја започне подготвителната сезона, но снежните наноси во Австрија го оневозможија тестирањето на патеката „Ред Бул Ринг“ која е лоцирана во планинско опкружување, стотина километри над Грац .
Поради ова, Вуков ќе мора да чека до почетокот на април, кога треба да се случи тестирањето во Имола, кое е официјално за сите учесници на Порше СуперКуп. Кон крајот на месецов, тој се надева на уште еден приватен тест на патеката Силверстоун.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
– Немам што да кажам освен „таму нека оди малерот“. Ќе беше убаво да имам повеќе километри како загревање во пресрет на новата сезона, но сега останува да се извади максимум од тестирањето во Имола. Ќе имаме два дена на располагање, на трети и четврти и април, со полна програма од утро до вечер. Мојот нов тим „Омбра Рејсинг“ претходно ми организираше едно тестирање и веќе се запознав со инженерите кои ќе работат на подготовката на моето возило, па очекувам ова да биде мошне корисно искуство и вистинска подготовка за првата трка во мај,
Пред три дена беше објавена и комплетната стартна листа со 28 возачи, меѓу кои петмина со кои Вуков се натпреварувал минативе три сезони во Италија, плус Јап Ван Лаген кој на почетокот на кариерата му беше советник на Вуков. Дополнително, како гостин во првенството, односно 29. возач ќе биде поранешниот пилот од Формула 1, Тимо Глок.
– Повторно ќе ни се вкрстат патиштата со Кварезмини, Амати, Јакинта, Мастерс и Лоренцо. Всушност, тоа се најдобрите возачи од Порше Карера Куп Италија, кои победуваа на трките, со исклучок на Хорхе Лоренцо. Тој секако ќе биде мој репер бидејќи и досега успевав да се носам со него, а со поддршката на новиот тим, очекувам да бидам многу поблиску до другите.
Како тимски колеги на Вуков ќе бидат Киган Мастерс и Рикардо Пера, возачи кои исто така имаат респектабилни резултати.
Календарот за 2023 година предвидува осум трки, од кои првата е на Имола на 21 мај.