„Проколнатата борба“ во УФЦ повторно е одложена – по петти пат нема да се одржи закажаната борба помеѓу Кабиб Нурмагомедов и Тони Фергусон во лесна категорија. Причината овој пат е тоа што Нурмагомедов е во Русија и бидејќи границите се затворени нема начин да дојде до САД.
Сега не е познато кој ќе се бори на негово место на УФЦ 249 и дали воопшто ќе се одржи. Постои можност да му биде одземен појасот на Кабиб во лесна категорија поради тоа што нема да може да го брани.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Во јавноста се огласи и Конор Мекгрегор.
„Работата е во тоа што Тони и Кабиб си играа кој кого ќе исплаши додека се наближуваше борбата. Кабиб се исплаши прв. Сега Тони е во водство затоа што тој два пати се повлече, а Кабиб три пати. Кабиб избега дома од САД иако сигурно знаеше дека ова може да се случи. Му честитам на Тони“, порача Мекгрегор.
Инаку, Нурмагомедов беше во САД на почетокот на март, но одлучи да се врати во Русија за да биде со семејството во текот на пандемијата, а многумина ќе кажат дека тоа го направил бидејќи постоеа најави дека борбата нема да се одржи во САД туку во некоја блискоисточна земја. Сепак, таква потврда немаше.