Откако ја објавивме нашата репортажа за Барселона (кој не видел клик овде) ни пишаа од Фан клубот на Реал Мадрид со молба да го објавиме и нивното искуство и тоа за Ел Класико. Храбро и мошне убаво од нивна страна ако се има предвид големиот пораз од 0:4 🙂 , а ние со задоволство ќе им излеземе во пресрет, да ви пренесеме како го доживеале сето тоа. Бујрум нивниот ’исповед’.
Пишува: Борис Тасевски
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Велат дека тоа е најголемиот натпревар во светот на фудбалот. Најголемиот спектакл на денешницата, судирот на двете најмоќни империи, на Реал Мадрид и Барселона, два фудбалски гиганти кои оправдано се сметаат за најпопуларни спортски колективи на современото време. Ние сакавме да го доживееме тоа искуство, да бидеме дел од Класико. И успеавме во тоа. Петмина фанови на Реал Мадрид, од официјалната Пења на Реал Мадрид во Македонија, Пења Мадридиста де Македонија, бевме дел од Класико кое се играше на Сантиаго Бернабеу на 21 ноември. Неверојатно доживување и покрај тоа што нашата екипа беше убедливо поразена и останавме со лоши спомени од натпреварот.
Мадрид како град е голем предизвик самиот по себе. Толку сличен со Барселона, другиот бисер на шпанската архитектура, а толку различен во многу сегменти. Ја имавме посетено Барселона претходно, а сега за првпат отпатувавме во Мадрид на едно Класико. За првпат откако е формирана Пења Мадридиста де Македонија, имавме организирана група на членови кои отпатуваа на едно Класико на Бернабеу. Се формиравме како официјално здружение во септември 2014-тата година, а за помалку од година и половина веќе имаме неколку успешни проекти зад нас. Огромната организација за Софија и мечот со Лудогорец, каде што присуствувавме со 180 официјални членови, патувања во Гелзенкирхен, Базел, Малме, Париз…
Сепак, Класико годинава е врвот, едно прекрасно финале на изминатите година и половина успешна работа. Тргнавме од аеродромот во Скопје, преку Рим, затоа што нема директни летови за Мадрид, на 20 ноември, еден ден пред натпреварот. Пристигнавме во Мадрид во раните утрински часови во петокот. И веднаш без размислување се упативме кон Бернабеу. Таму ги подигнавме картите за натпреварот, директно од канцелариите на Бернабеу, што само по себе беше едно неверојатно искуство. Интересно е како се тоа изгледа сосема различно кога го гледате одблизу. Канцелариите на Бернабеу се нешто сосема природно, обично, со луѓе кои работат на ист принцип како во традиционалните канцеларии, оние кај нас.
По првичниот стоп на Бернабеу и нашата прва успешна мисија, се упативме кон центарот на градот и нашето сместување. Бевме сместени на Гран Виа, главната улица во Мадрид, сместена во строгиот центар на градот. Центарот на градот и Гран Виа е спој на традиционалната и модерната култура, со многу барокни и ренесансни згради, но и со шмек на модерната историја и висококатниците градени од Флорентино Перез и неговите градежни компании.
Во текот на првиот ден и вечерта имавме можност да прошетаме низ центарот на градот и да видиме неколку важни белези на градот, како плоштадот Сол, кој се смета за средишна точка на Мадрид, но и на цела Шпанија, Плаза Мајор, најголемиот плоштад во Мадрид, сличен на Сан Марко во Венеција, Плаза де Сибелес, местото каде што навивачите на Реал Мадрид ги прославуваат титулите, Општината на Мадрид, како и живописната улица Гран Виа, исполнета со прекрасна архитектура и многу барови, ресторани, шопинг центри…
Вториот ден од нашите пет предвидени денови во Мадрид беше резервиран за Класико. Иако натпреварот се играше во 18 часот попладне, ние уште околу 14 часот се упативме кон Бернабеу. Претходно, го посетивме паркот Ретиро, најубавиот градски Парк во Мадрид заедно со поголемиот Каса де Кампо.
Ретиро е едно многу пријатно и убаво место за реалаксација, прошетка и полнење на батериите. Таму може да забележите деца од најмала возраст се до пензионери и многубројни туристи кои дошле на поминување. Во Ретиро, кое е едно огромно зелено пространство, се наоѓаат повеќе атракции, како вештачкото езерце на кое што може да изнајмите кајче и да пловите, прекрасниот Паласио де Кристал, фонтани и споменици, улични волшебници и музичари. Музеите Реина де Софиа и Прадо, најпознатите музеи во Мадрид, се наоѓаат веднаш до Паркот, а на влез од Ретиро се наоѓа Пуерта де Алкала, портата на градот.
Сантиаго Бернабеу, Класико. Неверојатно доживување кое не може да се опише со зборови. Повеќе од 50.000 фанови надвор пред стадионот го чекаат тимскиот автобус и ги поздравуваат играчите пред влезот во стадионот. На самиот натпревар, атмосфера како и секогаш во стилот на Мадрид, со бел мозаик. Контролите беа крајно засилени, поради претходните напади во Париз. Самиот натпревар беше вистинска сензација. Неверојатно е чувството да се гледаат во живо најголемите звезди на денешницата на едно место – Роналдо, Меси, Суарез, Бејл, Бензема, Нејмар, Иниеста, Хамес, Серхио Рамос, Дани Алвес, Лука Модриќ….
Барселона беше доминантна во текот на целиот натпревар и заслужено славеше убедлива победа со 0-4. Ние останавме со многу неодговорени прашања од играчите на Реал Мадрид, поради што имаме обврска одново да дојдеме на некое наредно Класико и да гледаме подобар фудбал од домашната екипа.
Следните денови после Класико ги искористивме за убаво запознавање со Мадрид и сите негови знаменитости. Во недела одевме на Bernabeu Tour, посета на музејот на Реал Мадрид. Бесценето е да се видат 10-те титули од Лигата на Шампионите, трофејот за најдобар клуб во 20-тиот век или Златните Топки на Зидан, Роналдо Феноменот, Фиго……
Ја видовме Кралската Палата, домот на Кралската Фамилија, плоштадот на Изабел Втора, Паркот Плаза де Ориенте, Катедралата Алмудена, Плаза де Еспања, Плаза де Кастиља, Куатро Торес, или четирите кули на Флорентино Перез, сместени во бизнис квартот во Мадрид. Имавме доволно време за да уживаме во познатата шпанска кујна, да ги посетиме некои од најдобрите ресторани и барови во Мадрид, да ја осознаеме културата на Мадрид и да го почувствуваме шпанскиот начин на живот.
Мадрид е уште поубав ноќе од дење, кога улиците се раздвижуваат уште повеќе, се палат светлата на Гран Виа, се собираат луѓе на Пуерта де Сол, разигруваат баровите и дискотеките.
За време на нашиот престој не дочека блага и умерена клима, со многу сонце, иако со малку пониски температури за Мадрид од вообичаените за овој период. Цените во Мадрид се слични како и оние во нашата земја. Кафето се движи од 1 ипол евро до 3 во баровите и кафулињата. Пивото од половина евро во маркетите до 3-4 евра во дискотеките. За доручек во некоја од уличките близу центарот ќе платите 2 до 5 евра, а за вечера брза храна 5 до 10 евра. Вечерата во ресторан ќе ве чини од 10 до 15 евра, а има избор на многу различни кујни и култури. Исклучително поволни се цените на облеката, во Мадрид се сместени седиштата на повеќе познати марки, па доста цени се и значително пониски од оние во нашето опкружување.
За крај би кажал дека Ел Класико и посетата на Мадрид беше едно незаборавно искуство за сите нас. За сите ова беше прво Класико, но после се она што го видовме во Мадрид, сигурно не и последно. Останавме заљубени во градот, а иако поминавме доста знаменитости во градот, сепак ни остана уште добар дел за посета за нашата следна средба. Во меѓувреме продолжување да функционираме како пења на Реал Мадрид во Македонија и редовно сме присутни на натпреварите на екипата. Со планови за помасовна посета на Мадрид за нашите членови напролет. На сите кои се размислуваат за нешто слично, топло им го препорачувам Мадрид.