Вест Хем е последнот од англиските тимови кој синоќа заврши под чеканот на Сините од Конте.
Ни големиот лондонски ривал Вест Хем не успеа да ги исфрли од шампионскиот дискурс фудбалерите од Челзи, па јасно е дека тимот самоуверено граби кон нова титула во Премиер лигата. Нема што да се каже, овој тим на Антонио Конте е непобедлив и изгледа дека џабе ќе правиме муабет оти до крајот на сезоната има уште 11 кола. Сините се незадржливи и непобедливи.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Синоќа тие лесно го победија Вест Хем со 2:1 на негов терен, пред 66.000 навивачки запалени „Чеканџи“, кои се надеваа дека ќе успеат да го поразат традиционалниот противник. Наместо тоа, Славен Билиќ доби италијанска лекција по фудбал од маестро Конте, чиј тим уште една беспрекорно ја одработи работата на терен.
Можеби не онака како што посакува нивниот менаџер (без примен гол), но сепак, Сините се одлепија на 10 речиси недостижни бода предност во однос на второпласираниот Тотенхем, па шампионскиот шампањ кој извесно време го ладат на Стемфорд Бриџ слободно можеа уште сношти да го отворат.
Дека синоќа беше нивна вечер беше јасно во 25-та минута, кога со сјаен контранапад ги поразија играчите од Вест Хем. Педро само ја „чепна“ топката зад одбраната на противниците, а Азар си поигра со чуварите и голманот Рендолф и рутински ги материше за водство од 0:1, со акција како од фудбалските учебници.
Вест Хем ја имаше во посед топката во поголемиот дел од натпреварот, но кога требаше да биде конкретен, Челзи беа беспрекорни. Токму на тој начин гостите и ја удвоија предноста на почетокот од второто полувреме, за што се погрижи, кој друг, ако не нивниот најдобар стрелец Диего Коста.
Сè после тоа беше само серија од залудни обиди на домаќините и рутинско одработување на задачата на гостите, па никој не се потресе во Синиот дел од Лондон ни кога Маурицио Ланчини во втората минута од продолжението го постигна почесниот гол за конечни 1:2.