Ново скандалозно однесување на Бернард Томиќ. Австралискиот тенисер со хрватско потекло го предаде мечот со Доналд Јанг на АТП турнирот во Акапулко, откако го загуби првиот сет. Како образложение на таквата постапка наведе исцрпеност од „неподносливата температура“. А, таа во моментот беше, внимавајте, 27 степени целзиусови.
Момчето, колку за илустрација, порасна на брегот на Австралија каде се бележат и преку 40 степени над нулата. Работата да биде уште почудна, неколку часа подоцна одигра меч во двојки заедно со Паоло Лоренци.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Медиумите во Хрватска, земја од која влече корени Томиќ, со лавина критики кон тенисерот за кого пишуваат дека е „срам за тенисот и за спортот воопшто“. Поради недоличното и крајно непрофесионално однесување, љубителите на тенисот бараат негова доживотна суспензија и ја повикуваат Интернационалната тениска федерација (ИТФ) да преземе таква мерка.
Минатата година не му се играше против Фабио Фоњини. Изведувањата на терен кулминираа кога го заврте рекетот и примаше противнички сервис со дршката. Кога го прашаа зошто го направил тоа, тој одговори:
„Баш ми е гајле за таа меч топка. Ќе ви биде ли гајле на вас да имате 23 години и да вредите преку 10 милиони долари“.
Незаинтересирано и ноншалантно однесување имаше и неодамна во Делреј Бич. Загуби од Белгиецот Стив Дарсис во првото коло. По добрата игра и водство со 1:0, на Томиќ во вториот и во третиот сет не му беше до игра, па повеќе се шеташе на теренот отколку што се трудеше да стигнува по топчињата.