Брегалница викендов продолжува со првенствените обврски и пресметката против Ренова во 25. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Шефот на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски, осврнувајќи се на периодот по неговото доаѓање на клупата на „сините“ на почетокот од оваа година вели дека Брегалница е долгорочен проект, не од денеска за утре, кој на крајот ќе биде и тоа како успешен.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
„Брегалница е проект кој ќе биде успешен затоа што има амбициозни луѓе во клубот кои сакаат да го видат клубот на највисоко ниво во домашниот фудбал. Брегалница оваа година, по бројни кризи, сега влезе во Првата лига. Клубот е поставен на здрави основи и затоа и прифатив да го преземам кормилото на тимот. Но треба да се истрае во реализацијата на овој проект. Ќе има проблеми, ќе има растови и падови, но мора да се истрае на тој пат“ – вели Ѓорѓиоски во интервјуто за Телевизија Стар.
Стратегот на Брегалница недвосмислено нагласува дека Брегалница и оваа сезона има индивидуален и тимски квалитет, но дел од фудбалерите ќе мора да го променат менталитетот кој мора да се издигне на победничко ниво.
„Дека тимот на Брегалница има квалитет потврда се резултатите од подготвителните натпревари во Анталија каде славевме убедливо против екипи со буџет од 40-50 милиони евра. Тие резултати на подготовките ни покажаа дека има квалитет во тимот, но можеби и не излажаа да го затвориме преодниот рок без потреба од дополнителни засилувања. Па, потоа на стартот од пролетниот дел од сезоната се случи пораз каков што се случи, со еден шут на противникот кон нашиот гол и тоа од избиена топка, и потоа следеше психолошки пад во играта поради менталитетот. Затоа мора да се менува пристапот кон играта, да се верува во себе, да се изгради победничкиот менталитет кај секој поединец, затоа што тврдам дека Брегалница има индивидуален и тимски квалитет но не смее да има психолошки падови. Мора да научиме и по примени погодоци поради индивидуални грешки, тимот да се врати во игра. Мора да се создаде и карактер како тим секогаш да се оди на победа, буквално на секој натпревар“ – вели Ѓорѓиоски.
Шефот на стручниот штаб на клубот вели дека и низ оваа сезона ќе се оди на резултати буквално до самиот крај, но ќе биде искористена и за вистинска селекција на тимот за од следната сезона да се атакува на европски излез.
„Можеби овој период до крај на сезоната сега е период за вистинска селекција на тимот кој од следната сезона треба да има повисоки амбиции и за излез во Европа, или и нешто повеќе. Можеби сето ова што се случува е и добредојдено да се согледаат сите слабости и да се корегираме секаде каде што е неопходно, па во следната сезона да бидеме максимално конкурентни за самиот врв во шампионатот“ – вели Илчо Ѓорѓиоски.
Фото: ФК Брегалница