Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денес го одигра натпреварот од квалификациите во Европското првенство против Фарски Острови на гостински терен.
Натпреварот не започна како што посакуваа момците на Цапар. До предност домаќинот дојде во една од своите први шанси уште во седмата минута кога Денковски беше совладан од Андрас Јохансен.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонија во продолжение создаде две одлични прилики прво преку Лука Трајкоски кој шутираше некаде од работ на шеснаесетникот кон средината на полувремето, а потоа и преку Филип Антовски во 36. минута кој се закани од далечина, неговиот удар заврши во пречката.
Тоа беа и двете наши најголеми шанси да стигнеме до гол во првиот дел.
До изедначување успеавме да дојдеме после 10 минути игра во второто полувреме. Напаѓачот на Шкупи, Марко Ѓорѓиевски одлично се снајде, исфрли од игра двајца противнички фудбалери, шутираше и ја погоди мрежата.
До крајот имаше по некоја шанса и пред нашиот и пред нивниот гол, но резултатот не се промени.
Со ова реми после три натпревари имаме два освоени бодови, со оглед на тоа што во претходните два меча запишавме пораз со Франција и уште еден нерешен натпревар со Србија. Веќе во вторник младинците ги чека гостински натпревар против Ерменија.