Дома Македонски спорт Толку беше…Заврши сонот, но не и големите очекувања од Македонија на Сер Боби!

Толку беше…Заврши сонот, но не и големите очекувања од Македонија на Сер Боби!

Толку беше, заврши мундијалскиот сон – заврши, но само тука, оваа Македонија со Милевски дефинитивно покажа дека може многу.

Со пораз од Португалија со 2:0 во финалниот бараж беше ставен крај на сонот на целата на нација да ја гледаме Македонија на еден Мундијал. Ждрепката сакаше да идеме не по потешкиот туку по најтешкиот можен пат, ги добивме за противници двата последни европски шампиони и со двата требаше да играме на гости.


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Падна Италија, актуелниот европски шампион. Ги победивме на нивни, италијански начин, со цврста одбрана, дозволивме противникот да ја има топката, да игра пред нашиот гол, но се тоа некако беа шутеви од неизградени позиции, со исклучок на 3-4 ситуации во кои мора да се признае имавме и среќа. Натпреварот го реши Трајковски со гол во 93. Минута.

Против Португалија само докажвме дека играта против Италија не е случајност, тоа е тактички добро поставен систем во кој секој си ја знае својата задача. Двата гола кои ги постигнаа Португалците дојдоа по наши грешки. Првиот, во 32. минута се постигна по една несреќно лоша топка на капитенот Стефан Ристовски, Роналдо му асистираше на Бруно Фернандеш кој не погреши од чиста позиција. И токму таа ситуација и оној негов шут неколку минути порано беа единственото нешто кое Роналдо го направи на овој меч, Висар Муслиу перфектно си ја одработи задачата и буквално не му дозволи да дише.

Не се распаднавме по тој гол продолживме да играме, забележително беше дека недостасува креација во играта во нападот, тоа можеби беше и најголемиот проблем против Португалците. Елмас некако не се истакна, беше под своето ниво и можности во овој натпревар. Но, на клупата немаме друг играч со такви карактеристики и квалитети, па Милевски и беше принуден да чека блесок на дијамантот кој за жал не се случи.

Барди, повторно беше одличен како и против Италијанците, знаеше како и кога да задржи топка. Единствената негова грешка беше сурово казнета. Токму откако Барди изгуби една топка на противничката половина (можеби беше и единствената во овој натпревар) Португалците тргнаа во контра и го постигнаа тој втор гол по кој работите веќе стануваа јасни.

За крај, ни остануваат тие помешани чувства на разочарување и онаа мисла – па добро, тоа е Португалија со Роналдо што да бараме повеќе…а баравме и сонувавме само затоа што Енис, Алекс, Висар, Даре, Џани и сите други на чело со Сер Боби ни покажаа дека можат.

Пишува Стефан Даскалов

Фото: ФФМ

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Позната најголемата желба на Гвардиола

Примарна цел на Манчестер Сити во летниот преоден рок ќе биде засилување на средниот ред, …