Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунер Солскјер е сигурен дека во двомечот со Барселона победникот ќе биде познат после вториот меч кој се игра на „Камп Ноу“.
„Црвените ѓаволи“ утре ја пречекуваат Барселона во првиот меч од четвртфиналето во најелитното натпреварување.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Секој нареден меч за нас е најважниот. Се разбира дека кога играш против Барселона, со квалитетот кој го има тој тим, знаеме дека треба да го поткренеме нашето ниво. Резултатот кој го имавме во Париз ни дава доверба и нас како тим, но и на фановите“, смета Солскјер.
Норвежанецот знае дека најголемата опасност доаѓа од Лео Меси, но тврди дека не е невозможно да се запре Аргентинецот.
„Каков план можете да имате за да го сопрете еден од најдобрите играчи во светот? Оваа сезона веќе игравме против Јувентус и Роналдо, против ПСЖ и Мбапе и против Челзи и Азар. Меси е фантастичен играч и веројатно историјата ќе го памети како еден од најдобрите индивидуални играчи кои некогаш сме ги виделе. Ќе биде тешко да го сопреме но не и невозможно. Сепак, ова нема да биде Меси против Манчестер Јунајтед. Тие имаат уште неколку одлични играчи како Суарез, Кутињо, Ракитиќ… Не можеме да се фокусираме само на еден играч, мораме да внимаваме на сите. Нашата одбрана 90 минути ќе биде на штрек“, истакна тренерот на „црвените ѓаволи“.
„Сметам дека овој дуел нема да биде решен додека не ги одиграме 90-те минути на „Камп Ноу“. Треба да одиграме најдобро што знаеме и да постигнеме резултат кој ќе ни даде самодоверба пред реваншот“, заклучи Солскјер.
Тој додаде дека се надева дека Немања Матиќ ќе биде фит за натпреварот, но дека Ерера сигурно ќе го пропушти мечот поради повреда.