Дома Македонски спорт Мак ракомет Михајловски најави: Вардар и во иднина ќе биде европски гигант!

Михајловски најави: Вардар и во иднина ќе биде европски гигант!

Долгогодишниот прв човек на тимот на Вардар, Михајло Михајловски со соопштение се обрати до јавноста со уверување дека Вардар и понатаму ќе остане ракометен бренд број 1 во Македонија и побара трпение до 10 мај за да најде решение за ситуацијата.

Ви го пренесуваме соопштението во целост:


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


„Почитувани спортски пријатели и поддржувачи на РК Вардар,

Како почесен претседател на РК Вардар и долгогодишен спонзор кој веќе 31 година е инволвиран во спортот што е број 1 во Македонија тешко ги прифатив најавите дека клубот се наоѓа во тешка ситуација. Секогаш сум бил со клубот и секогаш сум сакал да биде во самиот врв. Затоа сакам што побрзо да се најде решение за натамошно опстојување на клубот и продолжување со успесите што ги постигна во изминатиот период.
Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш натпреварот од четврт-финалето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници. Така ќе покажат дека Вардар е македонски, но и европски бренд и по третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн, што досега не и успеало на ниту една европска екипа.

Изминатиот период добивав многу повици и молби за спасување на РК Вардар. Имав и разговори на таа тема со 5-6 стопанственици, бизнисмени кои сакаат и можат да го помогнат РК Вардар.

Постои и големо разбирање и расположение кај Градот и надлежните спортски и владини институции за изнаоѓање решение за продолжување на успешната ракометна приказна што ја имавме изминатите години. Добив позитивни сигнали дека сите заеднички да најдеме решение и Вардар ќе продолжи да биде успешен клуб.

Се уште не сум се слушнал со г-дин Сергеј Самсоненко, но секако би сакал да поразговарам и да ги знам неговите планови за во иднина. Сакам да истакнам дека г-дин Самсоненко е најзаслужниот човек што Македонија доби европски првак во ракомет и редовен учесник во ЛШ во самата завршница. Кога пред шест години му го дадов клубот на г-дин Самсоненко на прес-конференција кажав дека најголемото засилување е токму тој. Тоа на моја среќа се оствари.

Г-дин Сергеј Самсоненко го постигна ова со клубот и сите треба да му дадеме признание за она што го стори. Само тој си ја знае вистината, а имаше минимална помош во изминатиот период од спонзорите. Во еден разговор со г-дин Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање на исписници.

Како долгогодишен спонзор убеден сум дека ќе се најде решение РК Вардар да опстане и да продолжи и понатаму да биде македонски првак, победник на СЕХА и редовен учесник во ЛШ.

Истовремено упатувам апел до сите компании кои сакаат Македонија да има и натаму европски тим да се приклучат кон оние што веднаш го препознаа квалитетот и брендот наречен РК Вардар.

Доколку успееме во намерата да се спаси Вардар, костурот од сегашната екипа треба да се задржи и да се обезбедат минимум 5-6 македонски репрезентативци или потенцијални репрезентативци и постепено да се создава и костурот на македонската репрезентацијата.

Верувам дека и во иднина ќе продолжиме да се радуваме на успесите на Вардар.

Еден живот – една љубов

Михајло Михајловски

Почесен претседател на РК Вардар“.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак ракомет

Проверете

Гоце Георгиевски останува во Вардар!

Десното крило на Варар Гоце Георгиевски ќе остане во таборот на црвено-црните уште една се…