MЗТ Скопје го зарши својот дел од работата ивчера победи против Цибона со 87:74, но за да избегнат испаѓање во АБА2 потребно е Будуќност да слави денес против Борац Чачак.
Натпреварот се игра од 19:00 часот, а пред него клубот од Аеродром излезе со соопштение:
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Управата, кошаркарите и стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром им изразуваат огромна благодарност на сите кои синоќа одвоија два ипол часа на големиот христијански празник Велики петок и дојдоа да ни дадат поддршка на патот кон неопходната победа над Цибона. Вам, ви се поклонуваме до земја. Но, благодарни сме и на сите што сакаа, а не можеа да дојдат во „Јане Сандански“ и кои испраќаа позитивни мисли и навиваа за нас од далечина.
Прекрасно беше вчера да се биде дел од спортскиот спектакл каков што одамна не е виден на кошаркарски меч во Македонија. За феноменалната атмосфера на големо се пишува и зборува на просторот од Триглав до Гевгелија. Пет илјади присутни во арената дишеа како еден и не ги штедеа гласните жици за да им помогнат на своите миленици. Нашите навивачи уште еднаш покажаа дека знаат да направат фешта, со уникатни кореографии кои веднаш беа одбележани и од самата АБА-лига. Тие докажаа дека МЗТ Скопје Аеродром, без разлика на сите други параметри, е во самиот врв на јадранската елита по бројноста и фанатичноста на своите фанови, веднаш зад Партизан и Црвена Звезда.
Синоќешната битка ја добивме, но дали ќе излеземе победници од регионалната „војна“ ќе дознаеме денеска. Свесни сме дека и самите грешевме сезонава, имавме пропусти и лошо одиграни средби, но факт е и дека на многу пресметки немавме спортска среќа. Колку ли само наши мечеви беа решени на една топка, на колку ли натпревари речиси ја имавме победата в раце пред таа да ни излизга од нив. Барем еден од тие да завршеше во наша корист, сега веќе ќе славевме опстанок.
Вака, нашата судбина е во рацете на Будуќност. Нашето срце е спортско и во него нема простор за никаков сомнеж. Уверени сме дека кошаркарите од Подгорица ќе дадат сѐ од себе за да победат на вечерашната пресметка, со цел да покажат дека ферплејот е вграден во нивните гени, како што чистиот образ и честа се и тоа како врежани во ДНК-то на секој Црногорец. На МЗТ Скопје Аеродром му е неопходна АБА, но истовремено и на АБА и е потребен клуб како МЗТ Скопје Аеродром – организиран, стабилен, со прекрасна арена и услови за кои повеќе од половина учесници може само да сонуваат. Исто како што ѝ треба и Македонија како држава.
Затоа, вечерва нека победи кошарката во Подгорица! Нека победи подобриот на паркетот, а не надвор од него.