Во пресрет на 30-тото финале во Купот на Македонија денес прес-конференција одржа стратегот на Македонија Ѓорче Петров Горан Симов, заедно со капитенот Филип Мишевски.
Македонија Ѓорче Петров ќе ја брани титулата освоена минатата година, но сега за противник ќе го има новиот шампион во ПМФЛ, Струга Трим Лум. Стружани со оглед на формата е фаворит, но „лавовите“ знаат како се освојува купот и секако нема да се откажат.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Ќе имаме силен противник, веројатно и убаво време, добар терен, па тоа се сите предуслови да имаме одлично финале. Играме против новиот шампион и сигурно нема да биде лесно, но наша цел е да дојдеме до пехарот. Верувам дека вторпат ќе можам да го освојам овој трофеј. Ја анализиравме Струга, нема многу тајни во македонскиот фудбал, ќе видиме како ќе биде на теренот“:
„Како тренер не сум многу искусен, но како играч зад себе имам големо искуство и мислам дека можам да се справам со овој притисок. Очекувам и моите играчи да се носат со притисокот на финалето, веќе играа финале минатата година. Па така, можеби притисокот е повеќе на нивна страна како нови шампиони, иако за нас зависат и европските квалификации од овој дуел. Ќе се обидеме да ги испочитуваме работите за кои се договоривме“, изјави Симов.
Своите очекувања ги искажа и капитенот Филип Мишевски.
„Двете екипи добро се познаваме, не би се согласил дека Македонија Ѓорче Петров има некоја предност, ќе биде тежок натпревар. Македонија Ѓорче Петров како тим има повеќе финалиња, но во Струга има играчи со пет-шест финалиња зад себе“.
„Секој натпревар е различен, одиме на победа, сакаме трофејот да остане во Ѓорче, тоа би било се што можам да кажам“, изјави Мишевски.
Финалето се игра утре на тренинг центарот „Петар Милошевски“ со почеток од 17:00 часот.