Финалето на Купот е фудбалски празник за секоја држава, така е и за фудбалска Македонија. Во сабота на 20. мај, се игра 30. јубилејно големо финале на Купот на Македонија.
На тренинг центарот “Петар Милошевски“ во Скопје се среќаваат Македонија ЃП и Струга Трим Љум. Македонија Ѓ.П. се актуелни бранители на трофејот, а Струга Т.Љ. се новите шампиони во првенството. Значи, две квалитетни екипи ќе се најдат една спроти друга со свои желби и амбиции. “Лавовите“ од Ѓорче во своето петто финале ќе одат по третиот трофеј, додека стружани сакаат да испишат историја. За првпат се во финалето и посакуваат своето деби да го крунисаат со нов триумф и да го однесат и куп пехарот во својот град и да ја завршат сезоната на фантастичен начин со двојна круна.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Со победа во финалето, екипата на Македонија Ѓ.П. ќе има европско лето во квалификациите во Лигата на Конференции, додека Струга Т.Љ. што и да направи ќе ја претставува нашата земја во квалификациите во Лигата на Шампионите. И едната и другата екипа си имаат свои адути. Едните на своја страна го имаат тоа непроценливо искуство како клуб од играње на вакви мечеви, ова за “лавовите“ ќе биде петто финале, и тоа трето во последните четири години, додека Струга како свој адут ги има формата на тимот, и податокот дека пред неколку дена станаа шампиони во Прва МФЛ.
Ова ќе биде натпревар за вистинско фудбалско уживање, тренерски дуел меѓу Горан Симов и Шпетим Дуро, потоа фудбалско надмудрување меѓу Мишевски, Стојковски, Воша, Стевковски, Фазли… на едната страна и Ибраими, Шабани, Радиќ, Радески, Ќосевски…на другата страна. Квалитетот на двете екипи гарантира голем меч, неизвесност, дуел кој секако дека ќе биде супер интересен и за тоа што ќе го следат во живо, но и заоние кои ќе го гледаат преку ТВ екраните во директен пренос на МРТ.
Фудбалската федерација на Македонија и ова финале, како и сите досегашни, ќе се обиде да го организира на највисоко можно ниво, тоа да биде вистински празник на фудбалот. Останува само двете екипи да докажат, со својот настап дека заслужуваат што се тука, во последниот меч кој ќе решава за пехарот во Купот на Македонија. Овој меч, ова јубилејно 30. финале да биде вистинско уживање.
Патот на двете екипи до финалето во Купот на Македонија:
МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.
1/16 ФИНАЛЕ: СЛОБОДНА
1/8 ФИНАЛЕ: ПОБЕДА – МАКЕДОНИЈА ЃП 0:2
1/4 ФИНАЛЕ: МАКЕДОНИЈА ЃП – А.ПАНДЕВ 1:0
1/2 ФИНАЛЕ: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1:1 (3:4 П)
СТРУГА ТРИМ ЉУМ
1/16 ФИНАЛЕ: ВАРДАР (Н) – СТРУГА ТЛ 1:2
1/8 ФИНАЛЕ: СТРУГА ТЛ – РАБОТНИЧКИ 2:1
1/4 ФИНАЛЕ: СТРУГА ТЛ – БРЕГАЛНИЦА 2:0
1/2 ФИНАЛЕ: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС 1:0