Откако денес претходно Вардар се огласи пред дербито во недела со Еурофарм Пелистер (ТУКА), вечерва тоа го направи и битолскиот клуб.
„РК Еурофарм Пелистер како ракометен колектив секогаш ја промовира и негува идејата на спортско и фер однесување како основен постулат на своето функционирање. Цврстото убедување дека спортот и спортистите се тие кои што треба да се изборат за победите и титулите се темелот на градењето на нашиот спортски колектив. Ние како клуб секогаш сме ги почитувале и ќе ги почитуваме и другите актери на спортскиот терен (судии, делегати, официјални лица, контролори …). Секогаш и со огромен респект и целосна подршка застануваме зад секој избор кој од нив ќе биде избран да биде на терен. Во нашето ракометно првенство како ретко каде со гордост може да се пофалиме со квалитетни судии и делегати, вистински професионалци, кои покрај во националните натпревари се постојани актери и на голем број меѓународни клубски и репрезентативни натпревари. Нивниот квалитет и докажаност секогаш и пред секој натпревар кај нас го генерира чувството на спокој и неоптовареност од изборот кој од нив ќе биде избран да биде на терен.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Истото тоа чувство го имаме и пред неделното ракометно дерби со РК Вардар 1961. Нашиот фокус е целосно насочен само кон тоа колку е можно нашата екипа да биде подобро спремна за натпревар и преку спортско, фер и коректно однесување да ја оствари зацртаната цел. Делегираните судии и делегати за неделниот натпревар се меѓународно признати и почитувани професиналци кои ја имаат нашата целосна доверба и истите ја заслужуваат довербата од ракометната јавност. Во наше име, ние ветуваме максимално, коректно и спортско однесување и почит кон сите актери на спортскиот терен.
Со нашето однесување на теренот и со однесувањето на играчите и тренерите на РК Вардар 1961 (убедени сме дека ќе биде коректно, спортски,фер и позитивно), сите заедно ќе придонесеме неделниот натпревар да биде вистински ракометен празник. Во тој ракометен празник треба да уживаат сите вистински љубители на ракометот. Љубителите на ракометот и навивачите кои ќе бидат во салата како и секогаш до сега, исто така ќе имаат една од главните улоги во ракометната претстава. Што се однесува на навивачите, ние и во оваа прилика го искажуваме нашето цврсто убедување дека нивната улога ќе биде брилијантна, спортска, фер и коректна, незапамтена и непоимлива за други простори надвор од границите на нашата држава.
Натпреварот во недела ги има сите можни предуслови за врвен ракометен спортски и фер натпревар и таков ќе биде. Нека победи подобриот, нека победи спортот/ракометот“, стои во соопштението.